Во Вашингтон, на покана на Атлантскиот совет, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ учествуваше на тркалезна маса на која рече дека приоритет на македонската Влада е продолжувањето на европскиот пат и дека уставните измени ќе бидат тест за политичкиот консензус за ЕУ.
Маричиќ информираше за актуелните домашни политички случувања, текот на преговорите со ЕУ и задачите што треба да се исполнат во следниот период, со краток брифинг за досегашните предизвици со кои се соочувала Македонија во евроатлантските интеграции, ставајќи акцент на важноста на сите инцијативи кои ја забрзуваат нашата интеграција во ЕУ, но кои не се и не можат да бидат замена за нашето членство во ЕУ.
Во таа насока вицепремиерот укажа дека нашата држава неколку пати на патот кон ЕУ се наоѓала на крстопат, но секогаш сме знаеле да ја избереме вистинската насока, посочувајќи дека тоа треба да го направиме и сега, кога е видлива активноста на ЕУ на темата проширување. Маричиќ особено ја истакна важноста и потребата ЕУ да даде јасен план за нашата европска перспектива да биде и временски извесна, но и видлива со конкретни проекти од кои бенефит ќе имаат граѓаните.
Маричиќ потенцираше дека нема да се откажеме после 17 години маратон кон Брисел и дека овој политички моментум не смее да се пропушти и побара заеднички да дејствуваат Македонија и нејзините партнери и сојузници, со цел како што кажа тој „да ја ставиме државата во пакетот на проширување и да ја вратиме довербата на граѓаните во Унијата и во нејзиниот кредибилитет“.
Присутните имаа можност да поставуваат прашања поврзани со текот на преговорите со ЕУ, европската иднината на Западен Балкан, кои се очекувањата и дали е реално Македонија да стане членка до 2030, на што Маричиќ рече дека треба да сме реални оти пред нас имаме уште работа и реформи, но ќе биде возможно и ќе имаме успех ако ги поставиме работите одговорно и секој ја понесе одговорноста.
На дискусијата присуствуваа претставници на американската администрација, експерти, дипломати и граѓанскиот сектор, а свое обраќање имаше и министерот за економија, Крешник Бектеши кој говореше за приоритетите на Владата и за проектите чија реализација е тек, како и идните планови за регионално и меѓународно поврзување, а ги презентираше и условите и можностите за реализација на инвестициски проекти во земјата, пред сè во делот на зелена енергија и обновливи извори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.