Денес, Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека Вицепремиерката за европски прашања на Република Молдавија Кристина Герасимов. По остварената средба во Секретаријатот за европски прашања, Вицепремиерите одржаа заедничка прес конференција во Владата на Република Македонија.

На прес конференцијата Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе заедничката определба на двете држави што побргу да го завршат процесот за преговори за членство во ЕУ. Во продолжение интегралната изјава на Вицепремиерот Маричиќ.

„Откако на Самитот на ЕУ во Шпанија минатата година беше утврдена целта дека следното проширување на ЕУ е позиционирано до 2030 година, и откако Европскиот Совет донесе одлука да ги отвори пристапните преговори со Молдавија и Украина, Македонија и Молдавија имаат заедничка цел. Со тоа стануваме и стратешки сојузници.

Република Молдавија сега го отпочнува скрининг процесот, додека ние го завршивме успешно во декември минатата година. Успешниот скрининг е резултат на ангажманот на речиси илјада владини претставници и експерти од академскиот и граѓанскиот сектор, за што добивме признанија од страна на Европската Комисија.

На колешката Герасимов ѝ пренесов дека Македонија ќе им го стави на располагање сето знаење и искуство од овој процес на нашите колеги од пријателска Молдавија. Исто како што ние ја добивме поддршката од Хрватска и Словенија, Србија и Црна Гора.

Тоа е европската солидарност. Тоа е израз на пријателство и поддршка како европски вредности.

И двете држави сериозно претендираме на членство при следното проширување до 2030 година. Тоа проширување добива на значење и во забрзување заради геостратешките и безбедносните аспекти, Но, исто толку сме свесни дека за членство во ЕУ мора да ги исполниме и објективните критериуми и стандарди. Секоја земја одделно со своите специфики и перформанси е повикана да ги постигне тие стандарди, но споделувањето на искуствата на тој пат е од огромно значење и секогаш добредојдено.

Исто така, имаме сериозна намера и подготвени сме да ги извлечеме најдобрите придобивки од Планот за раст, кој треба да донесе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите претенденти за членство во ЕУ.

Креиран, како финансиска и политичка инвестиција во регионот, Планот за раст со шесте милијарди евра за Западен Балкан е подадена рака за забрзување на процесот за членство до 2030 година. Тоа е брза лента на патот на евроинтеграцијата. Планот за раст бара реформи од државите и од владите, а придобивките се во системските промени кои ги обезбедуваме низ тие реформи, во финансиските пакети за земјава и во економската интеграција во единствениот европски пазар.

Мораме да останеме силно посветени на европската реформа агенда, зашто само на тој начин, токму преку Планот за раст ќе си обезбедиме слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до Единствената платежна област, олеснување на патниот транспорт, интеграција во индустриските синџири на снабдување, интеграција и де-карбонизација на енергетските пазари, како и во дигиталниот единствен пазар.

На овој пат до членството во ЕУ, сите земји кои се во преговори или се кандидати се соочуваат со предизвици кои бараат одговорни одлуки. Македонија сега е пред таков предизвик. Ние нема да се откажеме од донесувањето на потребните одлуки за да ги продолжиме започнатите преговори.

Со колешката Герасимов се согласивме дека евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците. За двете земји членството во ЕУ е приоритет во остварувањето на врвните државни интереси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.