Македонско друштво „Илинден” – Тирана ја поздравува ангажираноста на новинарите на емисијата Фикс фаре, на телевизија Топ чанел во Република Албанија, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, областа Голо Брдо.

Тоа е уште една потврда дека пописот на населението воРепублика Албанија помина со многу проблеми, вели Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден” – Тирана.

Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда за она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Република Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности.

Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која ги приведе трите лица вмешани во овој скандал. Македонско друштво „Илинден” – Тирана пред пописот и за времето на пописот постојано посочуваше за притисок од страна на поединци и бугарските институции за да не се добијат точни податоци за етничката припадност на населението во овие предели. Таквите напори јасно и недвосмислено беа поддржани и од локални личности. Јавна тајна е дека, не само во најсиромашни области во државата, областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, има најголема концентрацијата на Македонците. И таму како по градовите, како Тирана, Драч, Елбасан, Либражд, Кукс, Корча и други се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и високи политички личности од Бугарија, како потпретседателката Јотова и амбасадорот во Тирана, преку уцени, поткуп и слично се бараше Македонците да бидат запишувани за Бугари, велат од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Оттаму додаваат дека постојано посочуваат оти Македонците во текот на пописниот период и пред тоа, беа уценувани дека ако не се попишат како Бугари ќе им бидат отфрлени барањата за добивање бугарско државјанство или ќе им се одземат веќе добиените државјанства. На таквиот чин на аплицирање жителите во овие краишта се присилени поради големата сиромаштија, а со целда заминат во европските земји за обезбедување основна егзистенција.

Со оглед на последните случувања во врска со лажните потврди, јасно е дека бројот на т.н. Бугари во Република Албанија ќе биде само лажна бројка потребна да се задоволат апетитите на Бугарија, која како членка на Европската Унија ја уценува Република Албанија со вето на нејзиниот пат кон европското семејство, се додава во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.