Изминативе денови во Гранд Рапидс, во американската сојузна држава Мичиген, се одржа 103тата конвенција на Македонската Патриотска Организација, од која МПО повторно упати повик за внатрешно помирување на Македонците како и за прекин на растечките тензии меѓу Македонија и Бугарија. Долгогодишниот активист на МПО од Торонто Ник Стефанов беше избран за претседател на организацијата, и веднаш упати помирувачка порака, какви што МПО упатува повеќе од една година, откако организацијата јасно реши дека сака да се стави крај на споровите меѓу Македонците и Бугарите.

– Македонската Патриотска Организација е 103 годишна институција посветена на обединување на сите Македонци, независно од нивната етничност и независно од тоа како се само-идентификуваат. Единствното нешто што е потребно е да се има македонска самосвест и почит за само-определувањето на секој од нас. И покрај нашите разлики, ние сме сите еден народ, една „фамилија“. Нашата главна мисија сега е помирувањето, порача Стефанов.

Во минатото, Македонската Патриотска Организација беше позната како силен поддржувач на бугарските позиции во однос на македонското прашање, но по драматичното влошување на односите меѓу двете земји, МПО како приоритетно прашање го поставува помирувањето. Од 2023 година, МПО е на позиција дека како организација е отворена за сите Македонци, независно дали се идентификуваат како етнички Македонци, македонски Бугари, Бугари по потекло од Македонија или на друг начин, при што МПО инсистира на инклузивно и отворено разбирање на македонската самосвест. Во декларација објавена неодамна, организацијата се заложи и за тоа Бугарија да ја признае етничката македонската заедница во своите граници, а Македонија да ја внесе бугарската заедница во својот Устав.

Како дополнителен показател на отоплувањето на односите во дијаспората, на конвенцијата на МПО присуствуваше и Гордан Јорданов, директор на Обединетата Македонска Дијаспора за Македонија и Европа, како и Марио Христовски, познат по неговите Јутјуб историски предавања.

– МПО долго време работи за независна Македонија и за македонскиот народ, при што многу од нејзините долгогодишни членови се исто така дел од ОМД. На домаќините им благодарам за прекрасната гостопримливост и за конструктивните разговори кои ќе ги доведат сите македонци во македонска унитарност и обединување, изјави Јорданов во порака на Фејсбук.

Делегатите на МПО собрани во Мичиген разгледаа и политички резолуции во кои се повикува Македонија да ги внесе Бугарите во својот Устав, а Бугарија да го почитува правото на слобода на здружување за своите граѓани етнички Македонци. Се бара отворање на преговорите на Македонија за влез во Европската Унија и се инсистира на итно подобрување на односите меѓу свете земји врз основа на взаемно почитување. За точната содржина на резолуциите од Гранд Рапидс постои одредена контроверза – бугарската агенција БГНЕС, која имаше свои претставници на конвенцијата, објави текст на резолуциите, но тој не е потврден и објавен од страна на МПО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.