Македонија влегува во финалето на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Покрај во изминатата година, земјата интензивно се подготвуваше за Претседавањето и во претходната година и пол, период во кој беа вложени големи напори да бидеме на висината на задачата.

„За луѓето се работи“ беше мото и поттик за нашата работа во текот на Претседавањето со ОБСЕ.  Се поставивме како Претседателство фокусирано на луѓето, затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето секогаш се на прво место. Нивната безбедност секогаш треба да биде во центарот на напорите на сите политички лидери.

Пристапот на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ беше повеќеслоен и фокусиран на: јасна посветеност кон луѓето од Украина и другите региони погодени од конфликти и поддршка на засегнатото население и на институциите, работата на теренските операции на ОБСЕ и нивна поддршка да продолжат да придонесуваат за подобрување на животот на луѓето и промоција на капацитетите и алатките на ОБСЕ како единствена платформа за дијалог.

Во овие напори, клучни беа ангажманите на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во својство на Претседавач со ОБСЕ во текот на изминатата година оствари вкупно 12 посети на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и Туркменистан.

„Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив“, вели Османи.

Покрај теренските посети, беа одржани и голем број на конференции кои беа посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ за адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.

За пофокусиран пристап во адресирањето на овие прашања, Претседавачот Османи назначи и свои Специјални претставници за млади, граѓанско општество и климатски промени.

„Целта беше да се интегрираат различни перспективи кои ќе служат како извор на различни пристапи, кои би можеле само да придонесат за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок…за доброто на луѓето“, рече Османи.

Во текот на изминатата година на Претседавање со ОБСЕ, Македонија цврсто ги почитуваше принципите и заложбите на ОБСЕ се со цел како земја да дадеме придонес кон мирот и безбедноста и преку нашето автентично искуство низ децениите да дадеме помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно посредување и разбирање во решавањето на нивните проблеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.