Министерот за правда Кренар Лога вели дека има поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и од политичките партии за процесот на ветинг во правосудството.

Во интервју за телевизија Алсат, министерот Лога посочува дека тоа треба да биде системско решение и дека ќе биде потребна законска рамка.

Министерот Лога, како што информираат од Министерството за правда, говорел и за реформите во судството и обвинителството, посочувајќи дека се направени одредени измени од Стратегијата за 2017 година, но дека сега треба да се направат некои други измени, почнувајќи од системот за следење на електронската распределба на предметите.

Денот кога влегов во Министерството, прашав, како во Обвинителството електронски се врши следењето на процесите на распределба на предметите. Таму ми рекоа дека од 1 јануари почнал да се спроведува овој процес, но всушност ова се спроведува и во системот на судството. Во однос на злоупотребите со АКМИС, сега Министерството ќе има свој инструмент да го контролира овој процес преку своите органи, колку предмети се во процесот и како се поделени. Истото законско решение треба да важи и за процесот на избор на предмети во обвинителствата на земјата. Значи, и таму ќе има законски измени, а член 107 ќе се измени и ќе се додаде да може да има надзор и Министерството за правда, рекол Лога во интервјуто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.