Се намалува бројот на јавната администрација од година в година и лани државните институции ги напуштиле 3.722 вработени, покажува посебниот извештај на Народниот правобранител за примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2022 година.

Вкупниот број на вработени во јавниот сектор во 2022 година изнесувал 130.377 лица, а во 2021 година 134.900 лица. Јавниот сектор брои 1.325 институции и органи на државно и локално ниво и за ова истражување на Народниот правобранител за прв пат одговор и податоци им дале сите институции.

– Анализата на прибраните податоци покажува дека мал е бројот на институции и установи, општани и субјекти формирани од нивна страна кои во 2022 година имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња. Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност, посебно во раководниот кадар на помалите заедници. Скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност – рече Народниот правобранител Насер Зибери при презентацијата на извештајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.