Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) задутре на Денот на трудот – 1 Мај ќе учествува и на протестот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) од 10 часот, и на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија од 12 часот. Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, денеска порача дека тоа го прават бидејќи сега не е време за поделби.

Ние не сакаме за Први мај да заземеме страна, да поддржиме еден синдикат или другиот на протестите, оставаме сите членови и граѓани да се приклучат секој доброволно каде што мисли согласно слободното време, рече Ристески, додавајќи дека тој лично ќе присуствува и на двата синикални протести.

Тој додаде дека овој пат нема да се дозволи да се потпише колективен договор каде што одреден број на работници ќе добиваат К-15, а одреден број нема да добие.

Информираше и дека на последниот Економско-социјален совет, претставниците на синдикатите имале жестоки дебати со претставниците на Владата, потестувајќи дека КСОМ бара методологијата за пресметка на плата во јавниот сектор да биде иста со функционерите.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, пак, порача дека КСОМ нема да дозволи, како што рече, така лесно да помине и 60 работни часа да биде работното време на еден работник во иднина.

-КСОМ уште пожестоко ќе ги води работите се со цел заштита на правата на работниците. КСОМ овој пат крајно умерено меѓутоа со остра намера на Владата и порачува да не си играат со работниците, истакна тој.

На прашањето на што се должат поделбите меѓу синдикатите, Ристески одговори дека мислеле оти овој пат сите ќе бидат заедно и потенцираше дека ова е нивниот последен обид да се свати дека не е време за докажување и за правење паралелни протести.

Ние мораме да се обединиме. Гледате Владата и работодавачите како настапуваат жестоко. Тие веќе не бираат средства, тие се здружени, и мора ние да сфатиме да станеме сериозни бидејќи од другата страна имаме луѓе коишто немаат пардон, коишто сакаат да глумат и Влада и работодавачи и буквално ја превземаат и улогата на синдикат, истакна тој.

Додаде дека на Први мај ќе пратат апел до двата синдикати за да пробаат дали може да настапуваат заеднички.

На прашањето зошто се уште се чекаат протести за Први мај кога функционерите веќе 80 проценти ги покачија платите и дека освен изјави преку медиуми нема никаква реакција околу тоа, Ристески рече дека се уште се преговара за Општиот колективен договор кој не е потпишан.

Се уште преговараме за Законот за работни односи. Се надеваме дека Владата и работодавачите ќе сфатат сериозно и да го потпишеме колективниот договор. Тука е и методологијата за плата, значи го кажавме нашиот став – нема да попуштиме, бараме истата методологија како што ги покачија и тие платите, подвлече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.