На денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите”, на тема „Современи образовни политики“, свое обраќање имаше претседателката на Советот на општина Штип, проф. д-р Весна Кожинкова Карагунова која зборувајќи за состојбите во образованието истакна дека како резултат на погрешните политики во образованието има демотивирани ученици и демотивирани наставници, бидејќи како што рече, образованието треба да се прилагоди кон потребите на учениците, а не образованието да бара учениците да се прилагодуваат кон него.
„Ако некоја претходна власт на ВМРО-ДПМНЕ обезбеди компјутер за секое дете и на таков начин ги подготви нашите најмлади за 21-от век, за идниот електронски техничко-технолошки век, веќе во тој 21-ви век ние слушавме повици за палење на книгите, уништување, забрана на книгите, небаре се вративме во 17-ти век назад во времето на инквизицијата. Која е последицата и кои се состојбите во образованието? Ние имаме демотивирани ученици, имаме демотивирани наставници затоа што немаме образование кое што ќе биде прилагодено на потребите на ученикот на 21-от век. Залудно ги напаѓаме учениците и велиме дека се вакви-такви, тие бараат поинакво образование, а тоа значи дека образованието треба да се прилагоди кон потребите на учениците, а не образованието да бара учениците да се прилагодуваат кон него“, истакна Кожинкова Карагунова.
Таа исто така потенцираше дека идната нова влада на ВМРО-ДПМНЕ ги знае и соодветно ќе одговори на проблемите во образованието.
„Се надевам и убедена сум во тоа дека идната нова влада, предводена од идниот премиер на република Македонија проф. д-р Христијан Мицкоски добро ќе ги знае овие проблеми и добро ќе го менаџира образованието затоа што на нас ни треба училница на 21-от век. Училница во која што учениците ќе учат, меѓутоа не само на ниво на помнење и репродукција како што се случува сега, затоа што е потребно критичко размислување во кое учениците ќе бидат способни за анализа, за синтеза, за примена и највисокото ниво за евалуација, изразување на личен став изразување на сопствен став, давање на свое мислење во однос на тоа што и како треба да биде“, Кожинкова Карагунова и додаде:
„Токму затоа мојот апел како практичар и како професор кој директно е вклучен во наставната практика е дека образованието под итно треба да се реформира. Да им пружиме на нашите ученици, затоа што тие не се такви какви што ние мислиме дека се. Тие само бараа добри и поинакви услови во кои што тие би се развивале како што треба“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.