Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Развојната банка ја истакна важноста од континуираната поддршка на компаниите, пред сѐ малите и средни претпријатија, преку поволните кредити во изминатите пет години во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на светско ниво, на кои не беше имуна ни една економија. На прес-конференцијата присуствуваа и министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши преку кои надлежни институции се реализираат голем број од проектите.

„Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата и во услови на глобални поместувања. Во период од 2019-2023 година во време на КОВИД кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка поддржани беа 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиони евра. Со Фонд за развој, пак поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите 5 година, почнувајќи од КОВИД кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места. Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании. Ова е дел од она што го правиме како Владата за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи, да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост“, истакна Ковачевски и додаде дека минатата недела, пласирани се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7 кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средни претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.