Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, е во официјална посета на Република Србија.

Во придружба на владина делегација се министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација, Александар Бајдевски.

Во рамки на работниот дел од агендата на оваа официјална посета на Република Србија, планирана е церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести, како и тет-а-тет средба меѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.

Двете владини делегации, предводени од премиерите на Република Македонија и Република Србија во рамки на официјалната посета ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.

По пленарната средба, предвидено е потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, како и заедничка прес-конференција на двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ во 11:30 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.