Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Ирска, Лео Варадкар, во рамки на официјалната посета на Македонија, денеска одржаа заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата беше истакната континуираната поддршка од Ирска на Република Македонија на патот кон ЕУ, со којашто годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Ирска е наш силен партнер и поддржувач на нашата европска интеграција и ние тоа високо го цениме. Слободно можам да кажам дека еден од најголемите поддржувачи на европските интеграции на Македонија е премиерот на Ирска, Лео и Ирска. На сите состаноци кои што сме ги имале во Брисел еден од најголемите пријатели на нашата држава бил токму премиерот кој денес е гостин на нашата држава. Токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја поднесовме нашата апликација за членство во Унијата. Оттогаш, добиваме континуирана и гласна поддршка од Ирска, која на проширувањето на ЕУ гледа како на стратешко и безбедносно прашање“, нагласи премиерот Ковачевски на прес-конференцијата, додавајќи дека Ирска е земја од која можеме многу да научиме.
Потенцирајќи дека Ирска е една од првите три држави кои пристапиле кон европскиот проект во далечната 1973, премиерот Ковачевски истакна дека членството во ЕУ беше позитивна движечка сила за општествени и политички промени во Ирска. Ирска, како што рече премиерот Ковачевски, е вистински пример за земја која доживеа економска и социјална трансформација, која има корист од членството во Европската Унија и тоа го демонстрираше во изминатите 50 години членство.
Премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата нагласи дека на средбата со неговиот ирски колега Варадкар се договориле за унапредување на економската соработка, а разговарале и за заклучоците на Европскиот Совет од декември кога ЕУ ја повика Македонија да го забрза завршувањето на уставните измени со цел да се придвижи напред во процесот на пристапување во ЕУ.
„Зборувавме за напредокот на реформите, за конкретни реформи кои се имплементираат, за нашите конкретни чекори кои ги преземаме, а не зборувавме дека сето ова треба да се случи во иднина бидејќи тој процес е отпочнат и нешто што нема да заврши. Кога велам дека процесот нема да заврши велам дека процесот на реформите кој што е започнат ќе продолжи. Не постои сила во нашата држава која што може да го стопира пристапувањето на државата во ЕУ, бидејќи нема друга алтернатива и тој процес ќе финишира со зачленување на Македонија во ЕУ во мандатот на следната Влада 2024-та до 2028-ма година која што ќе биде повторно проевропска Влада и која што земјата ќе ја внесе во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски, појаснувајќи дека континуирано добиваме целосна потврда за нашите заложби за европска иднина.
„Ја имаме и потврдата дека нашите напори за заштита и на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет денес имаат резултат. Можеме да сме сигурни дека нашите граѓани, идните генерации ќе живеат со ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет“ истакна премиерот Ковачевски.
На прес-конференцијата премиерот Ковачевски потенцира дека оваа Влада донесе многу тешки одлуки и покажа визија, лидерство и храброст бидејќи тие тешки одлуки значат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, нашите идни генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Македонија.
„Од тој значаен 19 јули 2022 година наваму и ние и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања. Останува следниот чекор, одлуката нема да е лесна, иако е техничка, но ќе е одлука која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца. Подобар животен стандард, функционално владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, побрз економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Подобар живот по европски стандарди“, истакна премиерот Ковачевски. При тоа, премиерот Ковачевски нагласи дека полноправното членство во ЕУ е нашата цел, како и дека немаме друга алтернатива и не постои замена за полноправно членство за ЕУ, а дали ќе стигнеме до неа зависи само и единствено од нас.
Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, на прес-конференцијата, истакна дека е чест да се биде првиот ирски премиер кој што доаѓа да ја посети Македонија во официјална посета.
„Мојата посета со мојата делегација денес во Македонија и претходно на Косово и Црна Гора го покажува интересот на Ирска и посветеност на овој регион како и нашата решителност да и помогнеме на Македонија и нивните соседи на нивниот пат кон ЕУ интеграција. Приклучувањето кон ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка работа и секако за нас кои се приклучивме кон ЕУ, кај нас имаше навистина голем консензус за да се направи тоа. Сметам дека е важно и за регионалната безбедност на Балканот но и за пошироката безбедност на Европа особено по руската инвазија на Украина која што даде една нова итност во ситуациите“, нагласи премиерот Варадкар на прес-конференцијата.
Ирскиот премиер Варадкар потенцираше дека ЕУ ја трансформираше Ирска во изминатите 50 години и донесе многу економски и други придобивки во земјата.
„Навистина сме среќни што можеме да го споделиме нашето искуство и знаење со вашата Влада во текот на пристапните преговори. Луѓето од Македонија и регионот ќе имаат придобивки од членството исто како што имаше и Ирска кога ние се приклучивме како што кажа и самиот премиер. Секогаш го поддржувавме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме Македонија како идна земја членка и се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза. Веќе 10 години ниту една земја не се приклучила кон ЕУ и мислам дека тоа треба да се промени. Подготвени сме да помогнеме онаму каде што можеме особено во врска со реформите“, порача премиерот на Ирска, Варадкар, додавајќи дека билатералните односи меѓу Ирска и Македонија се мошне топли, иако посочи дека има потреба од унапредување.
Политичката стабилност во Македонија, како што оцени ирскиот премиер Варадкар, е важна за Европа.
„И ние во Ирска го имаме искусено уништувањето што го носат конфликтите во заедницата, а сме сведоци и на големите придобивки кои што доаѓаат од мировните процеси. Во мојата посета на Македонија, Црна Гора и Косово дознав повеќе за предизвиците со кои што се соочуваат овие земји во надворешни и внатрешни и ќе си заминам со добро разбирање за важноста на Ирска да помогне на овој регион“, заклучи премиерот на Ирска Варадкар кој му се заблагодари на премиерот за можноста да ја посети нашата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.