Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Килијан Вал, новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На состанокот е поздравен напредокот на Република Македонија, што го покажуваат развојот на демократијата во државата, почетокот на преговорите со Европската Унија, претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ, што треба да започне од 1 јануари 2023 година.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот на ОБСЕ во развојот на Република Македонија како демократска држава, рече дека денес Македонија има слободни медиуми, дека има слободни изборни процеси и дека државата се развива според европските вредности, што е од важност како за квалитетот на живот на граѓаните во нашата држава, така и од геостратешко значење.

Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази уверување дека нашата држава успешно ќе претседава со ОБСЕ, посочувајќи дека Република Македонија се развива како едно општество за сите граѓани, дека ги развива добрососедските односи низ европските принципи на разбирање и меѓусебно почитување и е целосно посветена на европските интеграции како стратешка цел.

На средбата е разговарано и за важноста на владеењето на правото и на борбата против корупцијата.

Исто така, премиерот Ковачевски, информираше за посветеноста во надминувањето на економските и енергетските предизвици, предизвикани од светската криза, по пандемијата и војната во Украина во светски рамки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.