Германија ја реафирмира поддршката за европерспективите и се очекува следниот клучен потег од Македонија, било нагласено на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и заменик-претседател на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот одговорен за прашања од доменот на надворешните работи и одбраната, Јохан Вадефул.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот на кој присуствувал и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, се разговарало за актуелните прашања од значење за нашата држава и за стабилноста и безбедноста на регионот и на Европа.

Од двете страни се нагласи значењето на претстојниот чекор на Република Македонија, што треба да ги осигура европските перспективи на државата. Оценката е дека пред нашата земја е навистина неповторлива шанса, во динамичен процес, во следните неколку години, да стане членка на Европската унија. Ова, како што е констатирано, е резултат на политиките на Македонија и одговорното однесување, посебно во новиот геополитички контекст и предизвици за регионот, Европа и светот, се наведува во соопштението.

Во разговорот било акцентирано дека проширувањето на Европската унија никогаш порано не било толку високо на агендата на ЕУ.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за навремената, континуираната и гласната поддршка од Германија за европерспективите на Македонија.

Германија, како најголема земја членка на ЕУ, има посебна улога и одговорност за иднината на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување е движечка сила за мир, демократија, владеење на правото и просперитет во Европа. Ние сме фокусирани на можноста пред нас за натамошно унапредување на нашиот интегративен пат во ЕУ. И веруваме дека заедно со европски определените политички сили во државава, како со поддршката од нашите големи европски пријатели, како Германија, за македонските граѓани е достижен заслужениот и очекуван европски квалитет на живот, нагласил премиерот Ковачевски.

Вадефул, како што се наведува во соопштението, истакнал дека клучните германски политички партии ја поддржуваат европската перспектива на земјите од Западниот Балкан.

Тој изразил разбирање за критичната фаза од процесот на евроинтегрирање во која се која се наоѓа Македонија и нагласил дека неискористувањето на прозорецот на можности кој е отворен пред земјата ќе донесе неизвесност за која никој не мoже да предвиди како ќе изгледа и колку ќе трае.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.