Денеска претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, го презентираа предлог Буџетот на Министерството за култура за 2023 година.

Премиерот Ковачевски посочи дека со предлог Буџетот се обезбедува континуитет на реализацијата на програмите и на проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Оваа Влада се води од определбата дека какви и да се предизвиците и каква и да е годината во смисла на економски и енергетски предизвици со кои се соочуваме и тоа конкретно денес поради светската криза, културата останува наш приоритет.

Обезбедивме континуитет на реализацијата на програмите и на проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство и со тоа вкупниот предлог Буџет на Министерството за култура за 2023 година изнесува 61,6 милиони евра.

При креирањето на Буџетот за културата за 2023 година фокусот е ставен кон две цели:

– Грижа за постоечкото културно-историско наследство и

– Отворање перспективи за развојот на културата.

Во таа насока се и нашите идни политики за ресорот култура предвидени со Буџетот за наредната година:

-Во текот на наредната година, ќе се реконструираат сите споменици и спомен обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода.

Во делот на грижата за постоечкото културно-историско наследство, односно за реконструкција на сите спомениците и спомен обележја од НОБ, ќе посочам дека Владата обезбеди пари од Буџетот на Република Македонија, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја: за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата на спомен обележје се надлежни општините, односно Градот Скопје.

Затоа, на последната владина седница, го задолживме Министерството за култура, со рокови, да склучи договори/меморандуми за соработка со општините, за санација на спомен обележјата и да достави информација до Владата во којашто ќе бидат утврдени потребните мерки и средства за оваа цел.

-Во 2023 година започнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Република Македонија, каде се наоѓаат етнолошката, археолошката и историската поставка на државата и бесценетата Галерија на икони.

Оваа колекцијата на икони е најбројна од овој вид во земјата и содржи повеќе од 400 икони, кои што потекнуваат од почетокот на XIV век до средината на XX век. Со предлог Буџетот се предвидени 813 илјади евра за реконструкцијата и санацијата на овој објект којшто е заштитено културно добро и темелна институција. На овој начин ја осигуравме негова достоинствена заштита, како што доликува на институција од ваков вид.

-Со предлог Буџетот е превидена финансиска поддршка за вклучување на младите во културата, бидејќи секоја култура се развива преку духот на времето во кое што се твори. 50 илјади евра се наменети за поддршка на младите во културата. Тие се иднината на нашата држава, авангардата, со тоа и иднината на една национална култура и заслужуваат да бидат мотивирани.

-Отвораме и нови национални установи во државата, со што овозможуваме значајни културно-уметничките изведби и дела да се изведуваат и во други делови во државата освен во градот Скопје.

Во предлог Буџетот за следната година предвидени се и капитални инвестиции во културата:

-Над 2,3 милиони евра се предвидени за продолжување на изградбата на Театарот и библиотеката во Тетово. Се работи за капитален објект со голем габарит, кој што значи обединување на културата во Полошки регион.

– 2 милиони евра се предвидени за изградба на Турскиот театар, и тоа ќе биде сосема нов објект.

-Исто така, продолжуваат градежните активности и во Театарот во Струмица, за што се предвидени 500 илјади евра.

Со овие инвестиции во театрите, обезбедуваме трајно решение и современи услови за работа на високо професионалните театарски ансамбли на Турската драма и на Струмичкиот театар, кои што имаат децениски традиции, меѓународни успеси, и се афирматори на македонската сценска уметност во земјава и во странство.

Паралелно, обезбедено е инвестиционо и тековно одржување на објектите на националните установи во повеќе градови, за што за наредната година се предвидени 625 илјади евра.

Зголемени се средствата за електрична енергија и комунални услуги, со што навремено ќе се сервисираат 64 национални установи и со тоа помагаме во надминувањето и на предизвиците од економско-енергетската криза во областа на културата.

Со предлог Буџетот за култура, ги зголемивме средствата за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа, од 16 илјади евра на 325 илјади евра.

И покрај економско-енергетската криза, обезбедивме средства и нормално функционирање на националните установи, за да можат да ги спроведуваат планираните програми и проекти. Предвидени се и средства за поддршка на другите корисници кои ја остваруваат културата самостојно. Вкупно за овие две намени со предлог Буџетот се предвидени над 12,5 милиони евра.

Со поддршката не ги изоставаме и постоечките четири културно-информативни центри: во Софија, Тирана, Загреб и Истанбул, на Културниот центар во Њујорк, како и отворањето на нови вакви центри.

Покрај вложувањата во капиталните проекти од областа на културата, вложуваме и во задржување, поддршка и мотивирање на кадровскиот потенцијал во културата. Сакам да знаат вработените во културата дека во целост се испланирани средства за платите на културните работници, нешто што не било пракса и се обезбедувало со ребаланс. Сега, средствата за платите се целосно предвидени во буџетот за следната година.

Континуирано се обезбедуваат средства и за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во уметностите и заштитата на културното наследство од областа на културата. Оваа пракса ќе продолжи и во 2023-та година.

Со одлуки на Владата, со предлог Буџетот за 2023 година, основаме три нови национални установи: Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево, „Камерен оркестар на Битола“ во Битола, „Музички театар“ во Тетово.

Да сублимирам – нема повеќе расфрлање милиони евра за споменици во гипс картони, на контроверзни личности и на настани коишто мотивираат раздор.

Културата зближува, не треба да дели и во тоа е нејзината уникатност.

Оваа Влада вложува, земајќи ги предвид околностите во кои што живееме, преку фокусирани намени и инклузивност, во реалните потреби и во заштита и промоцијата на автентичната македонска култура, во богатата култура на Република Македонија, по којашто сме препознаени и поради ваквиот пристап и почитувани – во регионот, во Европа и во светот.

Прочитав некои дилеми во медиумите, околу оправданоста да се вложува во културата во време на светска економско-енергетска криза, и во таа насока сакам да потсетам дека културата, секогаш и во најтешките времиња низ вековите и низ историјата го чувала и го кревала духот на народите. Така да, така е и денес, затоа ДА вреди да се грижиме и да вложуваме во културата! Бидејќи, како што се вели во една констатација, искажана пред векови: „Човекот е должен на културата од која што потекнува, додека е жив“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.