Повеќе актуелни теми од значење за двете земји беа тема на дискусија на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со специјалниот претставник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, велат од владината прес-служба. Според нивното соопштение, специјалниот претставник Сарацин „ја потврди силната поддршка на германската Влада за натамошниот напредок на земјава на евро-интеграцискиот пат и ги реафирмираше заложбите и очекувањата на Германија државата да продолжи забрзано во таа насока“.
Претстојната одлука за носење на уставните измени пред која е исправена земјава, како што беше нагласено, е одлука да се биде дел од ЕУ, велат од Влада.
Ковачевски се заблагодарил на континуираната поддршка од Германија, потенцирајќи ја важноста на Резолуцијата на германскиот Бундестаг, со којашто „се потврдува силната германска поддршка на Македонија за влез во ЕУ со нејзиниот македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од целокупниот мозаик на европската култура. При тоа, премиерот Ковачевски го истакна очекувањето од Германија, како најголема ЕУ членка, и натаму да игра клучна улога за европската иднина на земјите од Западен Балкан“.
Нагласувајќи дека нашата држава ќе продолжи по патот на европерспективите, премиерот Ковачевски изрази оптимизам дека сите политички партии ќе се обединат и ќе се обезбеди неопходната широка поддршка околу остварувањето на заедничката стратешка цел – членството во Европската Унија. Заеднички беше констатирано дека во остварувањето на оваа стратешка цел, потребен е заеднички напор на сите засегнати во реализирањето на реформските процеси на земјава, што ќе придонесе до значителен напредок и развој. Беше посочено дека сме пред историски, неповторлив момент којшто неминовно води до забрзан економски развој и создавање на просперитетна, европска држава што ќе овозможи поквалитетен живот за сите граѓани, велат од влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.