Претседателот е посебна институција, не знам каков колективен договор има. Ќе си седнат со Министерството за финансии, ќе разгледаат колку имаат во буџетот, ќе споредат со Колективниот договор, ќе се договорат и на крај ќе донесат решение како што има решение за се, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новирански прашања по посетата на „Виталиа“.

Ковачевски напомена дека претседателот е правник, ги знае сите законски регулативи, а и во својот Кабинет има врвни експерти од областа на правото.

-Мислам дека и за тоа ќе се најде решение, истакна Ковачевски, алудирајќи на Колективниот договор потпишан со Синдикатот на вработените кај претседателот на државата.

Според Ковачевски, не може институциите да седнат со синдикатот и без да гледаат во буџетските рамки да речат „ние потпишавме колективен договор“.

-Замислете сите да потпишат колективен договор, што ќе треба да направиме?, праша премиерот.

Пред неполн час до медиумите беше испратен Став од Кабинетот на претседателот на Република Македонија во кој се потврдува дека „платата за јануари 2023 година не е исплатена за вработените во Кабинетот и за претседателот на Република Македонија.

-Образложението кое го добивме од Министерството за финансии е дека во Буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во Кабинетот на претседателот и го сметаме за неосновано, се наведува во Ставот.

Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде покачување од пет проценти на плата само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот.

-Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии. Барањето за финансиски средства за плата за јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии е изработено во согласност со Законот, во рамки на одобрените средства во Буџетот на Република Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со Колективниот договор за вработените при Претседател на Република Македонија, стои во Ставот од Кабинетот на претседателот на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.