Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше воведно обраќање на годишната конференција „Година на европски можности“, во организација на Владата.

Вo продолжение го пренесуваме обраќањето во целост.

Денес имам лична, но верувам и сите ние заедничка, возбуда, одговорност, обврска.

Да направиме кратко потсетување каде бевме скоро, но најважно од сѐ, да говориме, дебатираме и да се договориме колку брзо ќе одиме, таму каде што нашите граѓани сакаат да се движиме, таму каде е најдобро за граѓаните и државата, таму каде е семејството на модерни и одржливи држави.

Бидејќи, ако погледнеме наназад, изминативе скоро 3 години, но и пред тоа, јас сум сигурен дека ниту најголемите песимисти не можеа да замислат со какви предизвици ќе се соочи Македонија и нашите граѓани, наметнати од глобалните здравствени, безбедносни и економски случувања.

Тоа беа тешки периоди и за најразвиените држави. Тоа беа многу тешки периоди и за многу поголемите, посилните и побогатите од нас. Но, ние знаевме дека и пред, и тогаш, и сега, силата на една држава, на граѓаните, лежи во вербата, во убеденоста, во заедништвото, во солидарноста, во идејата да се биде дел од целината, да се биде дел од прогресот и државите базирани на вредности и принципи.

И во такви тешки времиња не отстапивме од спроведување на нашите политики засновани на принципите на европски вредности и не се откажавме од исполнување на нашите стратешки цели.

Со цврста убеденост, со секојдневна работа и посветеност на нашите вредности и политики, неповратно ја зацврстивме и обезбедивме европската перспектива на Македонија, поставувајќи на најдобар начин единство на сите најважни работи на една држава и еден граѓанин: почит кон минатото, подобра сегашност и извесна и просперитетна иднина.

Сметам дека тоа е најдобриот начин да им обезбедиме сигурност на младите и на сите граѓани во нашата држава.

Изминатава година, како и претходните 6, сите препознаа политика на соработка, партнерство и желба за решенија во политиките на Владата на Македонија. Препознаа стабилност, доверба, кредибилитет, искреност и посветеност.

Македонија, меѓународно ја позициониравме, овозможивме нашата земја да биде почитувана и повлијателна од кога било во својата независна историја.

Земјата ја донесовме пред вратите на Европската Унија, ги започнавме преговорите и успешно го завршивме скринингот. Бидејќи за сите нас, друга алтернатива не постои. Само така Македонија може да биде меѓународно посилна, само така ќе се подигне квалитетот на животот на граѓаните. Единствено како земја членка на ЕУ, ќе имаме уште поконкурентна, иновативна и отворена економија, економија на човечки капитал, економија на можности и економија на раст и развој.

Затоа повторувам, бидејќи искрено верувам дека македонските граѓани се за Европската Унија, а ние во овие години покажавме и докажавме дека постапуваме и ја почитуваме волјата на нашите граѓани.

Граѓаните знаат дека со членството во Унијата, влегуваме во европското семејство и конкретно европскиот механизам, кој никогаш нема да ни дозволи сами да поминеме низ каква било економска или финансиска криза.

За нашите граѓани, животот во ЕУ не значи карта во еден правец,  не значи иселеничка виза, туку тоа е гаранција  за подобар стандард, за повисоко платени работни места, за европски, модерни, современи и западни вредности, но, тука, дома во нашата држава.

Затоа Владата која ја предводам изминативе години ја обезбеди политичката стабилност, ја зачува социјалната кохезија, обезбеди економска стабилност и раст и во време на најголема криза.

За мене, и за целата Влада е многу важно што Македонија покажа отпорност на сите кризи. Покажа знаење, покажа енергија, покажа капацитет и резултат.

И покрај сите предизвици, опстоивме на нашите ветувања и спроведување на нашите политики за подобар живот, стандард на граѓаните и раст и развој на компаниите.

Го исполнивме ветувањето за зголемување на платите. Ветивме 500 евра просечна плата, а ја зголемивме уште повеќе и денес просечната плата во нашата земја е над 630 евра, тоа е покачување за речиси 300 евра во однос на 2016 година. И платата ќе расте, бидејќи системски го решивме ова прашање.

Двојно ја зголемивме минималната плата. Таа во 2022 беше 18.000 денари, а со следното усогласување ќе биде 22.500 денари. А се сеќаваме во 2016 година кога беше само 8.000 денари. Застанавме на страната на работниците и конечно системски го решивме тој проблем, еднаш засекогаш.

Работевме на системски решенија да обезбедиме достоинствен живот и за пензионерите.

Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година. Минималната пензија денес изнесува 13.200 денари и таа е за речиси 50% повисока во однос на она што беше во 2016 година. Пензионерите денес, добиваат во просек 6.000 денари повеќе.

Минатата 2023 година, беше година на рекордно исплаќање на финансиска поддршка на компаниите, дури 40 милиони евра беа исплатени кон 513 компании, коишто во 2022 година, реализирале вкупни инвестиции од над 150 милиони евра.

Во овие 6 години, Владата со 100 милиони евра поддржа 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани половина милијарда евра инвестиции. До 2017 година, поддршката од државата кон домашните компании изнесуваше нула денари.

Сето ова резултираше со намалување на невработеноста, денес за прв пат имаме невработеност под 13%. А идната година, за прв пат ќе имаме невработеност која ќе биде едноцифрена, а се сеќаваме во 2016 година беше 25% невработеност во државата.

Членството во НАТО, отпочнувањето на преговорите и нашите европски политики беа гарант да обезбедиме странските директни инвестиции и тоа најголеми во историјата на државата. Ако во 2016 година странските директни инвестиции беа 338 милиони евра, сега се двојно повеќе 754 милиони евра. Сите инвеститори во Македонија, препознаа дека е ова добро место за вложување, дека овде имаат трудољубиви и лојални и вредни работници.

Новиот концепт на ТИРЗ пак даде одлични резултати. Бројот на вработени во ТИРЗ достигна 18.000 работници, а просечната бруто плата во компаниите во ТИРЗ надмина 60.000 денари, што е двојно повисоко од 2016 година.

Дополнително,  стапката на невработеност како што кажав е пониска и таа е преполовена во однос на 2016 година.

На прагот сме да обезбедиме едноцифрена стапка на невработеност, нешто што не можеше да се замисли пред неколку години. Од друга страна пак, за само една година имаме зголемена вработеност од 10.000 лица во државата.

Со антикризните мерки успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и со тоа да ги заштитиме работните места.

Прво со 760 милиони евра и сега последно со 662 милиони евра помогнавме на ученици, студенти, млади, пензионери, ранливи категории на граѓани, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании.

Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството.

Во 2023 година обезбедивме историски најголем буџет за земјоделците. Новата ИПАРД 3 програма е зголемена за 62 проценти. Сега во ИПАРД 3 имаме програма којашто први ја започнавме од сите земји кориснички и имаме 97 милиони евра неповратни европски средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство.

Сето ова е доказ дека кога носите исправни одлуки, тоа ќе донесе сигурна придобивка за сите граѓани, во секоја смисла.

Се справивме успешно и со енергетската криза и истата ја претворивме во можност.

Прво со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Виталните дејности во државата беа обезбедени.

И да напоменам, во таа криза, успеавме да го зголемиме вкупното производство на струја за 45%. Никој не веруваше во тоа, скептиците велеа дека ќе останеме без струја, но покажавме дека можеме тоа да го направиме.
Ги активиравме сите енергетски капацитети.

Активиравме капацитети кои 15 години не беа ставани во употреба. Ги активираме хидропотенцијалите, и ги олеснивме процедурите за поставување обновливи извори на енергија. За нешто што беа потребни шест месеци за вадење на дозвола, сега е потребно само еден ден известување.

Со тоа енергетската трансформација на земјата започна во мојот мандат и за што сум исклучително задоволен како истата се развива и како ќе продолжи да се развива.

До 2016 година во нашата држава, за целиот мандат на претходните сите влади во државата имаше инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи и гасни централи. Од јануари 2022 до денес имаме издадено над 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија.

Тоа е повеќе од вкупниот капацитет на цел РЕК Битола што произведува електрична енергија. Со тие 600 мегавати обновливи извори на енергија, денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата.

Исто така на тој начин,  ја вративме евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со што домаќинствата заштедуваат и до 1.000 денари месечно.

Продолживме и со мерките за субвенционирање на цената на електрична енергија, за над 600.000 домаќинства во државата и за над 70.000 мали и средни претпријатија коишто вработуваат најголем дел од вработените во државата.

Граѓаните воедно, секој месец, на своите сметки за електрична енергија гледаат дека имаат рекордна субвенција од државата до 90%.

Како Влада направивме и стратешки исчекори во однос на капиталните инвестиции во патната инфраструктура. Коридорите 8 и 10д се убедливо најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја. Ќе придонесат за побрз развој на економијата, за модернизација на патната инфраструктура и подобро поврзување со нашите соседи, но и со меѓународните коридори.

Изминативе 5 години, вложивме преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Македонија наместо обиколница, станува вистинска раскрсница на Балканот.

За сите наши политики голема е поддршката која ја добиваме од Европската Унија. Од независноста до денес, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра.

Воедно, во време на кризи, нашите партнери беа тука за нас. За ублажувањето на последиците од КОВИД пандемијата, Македонија од ЕУ доби 160 милиони евра. Добивме и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.

Дополнително, Европската комисија, предложи и одобри и 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија.

Понатаму, го имаме на располагање и инвестицискиот фонд за Западен Балкан во кој има проектирано 9 милијарди евра за инвестиции до 2027, кои треба да повлечат дополнителни 20 милијарди евра за поволни заеми од меѓународните финансиски институции.

Планот за раст, за кој вчера имавме лидерски состанок на високо ниво, во присуство на високи претставници на ЕУ и САД, како и на меѓународните финансиски институции, е досега најсериозната политичка потврда од Унијата дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ, но пред сѐ од нас, земјите од Западен Балкан, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.

Планот ги отвора вратите за локалните бизниси и работници кон регионот и кон Европа, а воедно и ќе го направи регионот попривлечен за европските и светските инвеститори.

Заедничкиот регионален пазар кој е еден од столбовите на Планот за раст, ќе делува како отскочна даска кон европскиот единствен пазар.

Тука зборуваме за регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, којашто претендира да се приклучи на пазар од половина милијарда жители, со БДП над 15 трилиони евра. Со воспоставувањето и зајакнувањето на регионалниот пазар воедно, се очекува нашите економии да пораснат за околу 10%.

Како Влада направивме големи стратешки чекори за Република Македонија, и сето тоа се случи со многу труд, работа и посветеност, нашата држава напредува и ќе продолжи понатаму со одржлив развој, но ќе биде поуспешна и посигурна како членка на ЕУ.

Членството во Европската Унија не е, и не може да биде предизборно ветување кое никогаш нема да се реализира. Ние си зададовме задача тоа да го реализираме до 2030 година.

Со интеграција во ЕУ, платите и пензиите ќе се зголемат меѓу 70-90 проценти, а воедно од нашите странски партнери и инвеститорите ќе добиеме дополнителна доверба, што ќе рефлектира со драстично поголем број на инвестиции во државата.

Ако Европската Унија сега има удел од околу 65% од вкупниот број на странски инвестиции, може да претпоставиме колку таа поддршка ќе биде поголема за земја членка на ЕУ.

Годинава која започна е година на одлуки – одлука за европски напредок, или изолација. Трето нема!

Ние веќе направивме големи инвестиции во иднината на нашата земја и сега воопшто не ни е потребна партиска и политичка поделеност, надмудрувања, лажни ветувања.

За нашата држава е многу важно што благодарение на исправните и посветени политики ја вративме демократијата, го вративме дијалогот, дебатата. Во државата веќе подолг период не се шепоти како порано, туку гласно се говори. Во државата веќе нема недопирливи како порано, туку секој е на судот на јавноста и граѓаните. Во државата се дебатира за сѐ, нема забранети теми, нема забранети емисии нема последици за поинаквото мислење.

Заробената држава е минато, бидејќи граѓаните и ние како нивни претставници ја ослободивме. И за кратко време успеавме да го надоместиме времето на изгубените можности, и да доведеме година на европски можности.

Сега сме повторно пред одлука. Поточно сега сме пред одлуки. Нужни, вистински, за некои лесни, за некои потешки. Но, за сите нас, одлуки кои носат одговорност.

Бидејќи, и оваа е година  на многу значајни внатрешни, домашни одлуки. Дали, со кого и на кој начин, колку брзо и квалитетно ќе продолжиме по патот на прогресот за кој говорев пред малку. Токму оваа 2024 година, е клучна година за забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосното членство во ЕУ.

Немаме право да стоиме во место, уште помалку да се враќаме назад.

Немаме право да дозволиме кочничарите да бидат погласни од прогресивните.

Немаме право да дозволиме личните да бидат над државните интереси.

Немаме право да ги повторуваме грешките на претходниците.

И имаме многу право, имаме најмногу обврска да бидеме оптимисти.

Да имаме и покажеме верба.

Да имаме и покажеме внатрешна самодоверба.

Да имаме и да покажеме капацитет, знаење, работа, фокус и енергија!

Да имаме и да покажеме држава!

Бидејќи сето тоа го имаме, и треба конечно да се избориме за нашето, заедничкото, за најважното!

За граѓаните, за државата, за европска Македонија, за држава која сите ја сакааат и во која сакаат да живеат!

Затоа ова ќе биде добра година, ќе биде успешна година! Ќе биде година на европска Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.