Вистинската големина на СДСМ не се само полните сали на трибините кои ги организираме, големината на СДСМ е во државничките политики и во се’ она што оваа партија го има направено за нашата татковина, од независноста до денеска, СДСМ е државотворниот стожер на македонската современа држава и СДСМ е печатот на македонската европска идеја и носител на новите општествени промени, на визијата за иднината, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва од Штип на граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“.
-Овој факт има големо значење за целата наша македонска земја. Ама најгордо звучи во родното место на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, со членка книшка на СДСМ број 001! Во градот на македонскиот генерал Михајло Апостолски, на бројните херои од НОБ, како Прке, Чучков, во градот во кој предавал идеологот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, ние социјалдемократите, со гордост може да кажеме дека го исполнивме нивниот аманет, вели Ковачевски.
Порача дека е посветен на градењето на модерна, европска држава, членка на ЕУ.
-Градиме слободна, независна, суверена, економски напредна македонска држава, идна членка на ЕУ, со признаен македонски јазик, култура, посебност и традиција, рамо до рамо со државотворните народи на Европа. Тоа е мојата визија. На тоа сум посветен и на тоа работам, потенцираше Ковачевски во Штип.
На трибината во Штип истакна дека 2023 е година на економски пресврт, а тој има план, визија за одржлив економски план.
-Имам план за иднината, за нова економска пресвртница, со сето мое менаџерско и економско искуство, градено 22 години во приватниот сектор, подготвен сум да одговорам на сите предизвици пред мојата земја, за да обезбедам сигурна иднина, да живееме подобро, да бидеме побогати, понапредни и да им оставиме на следните генерации средена, европска држава, рече Ковачевски.
Забележа дека по само 10 месеци од мандатот на неговата Влада може да се каже дека е спасена македонската економија со антикризни мерки вредни 760 милиони евра и економски политики.
-Го поддржавме стандардот на граѓаните, компаниите, ранливите граѓани кога беше најпотребно. Цврсто ја држевме линијата против глобалната криза. Сите го паметиме тоа тешко време кога светот влезе во глобална економска и енергетска криза, потенцираше Ковачевски.
Тој истакна дека поддршката за граѓаните и компаниите ќе продолжи и во иднина.
-Го поддржавме стандардот на граѓаните и ги помогнавме компаниите. Цената на струјата ја субвенционираме за 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Да не е таа субвенција сите ние ќе плаќавме и до пет пати повеќе за електрична енергија. Никој нема да биде оставен сам. Двојно поевтина цена на струјата обезбедивме за 233 основи и средни училишта, 50 јавни претпријатија, 235 домашни компании кои произведуваат основни прехранбени продукти, вкупно за 518 субјекти, рече Ковачевски вечерва на трибината во Штип.
Забележа дека минималната плата за време на мандатот на СДСМ е покачена двојно, од 8.000 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари.
– Знам дека работниците по македонските конфекции најдобро знаат што значи оваа разлика, што значи да се цени и почитува нечиј труд, порача Ковачевски.
Тој посочи дека Штип е работнички град и дека СДСМ парите ги насочува кон работниците, а ВМРО-ДПМНЕ ги сметаше за евтина работна рака која треба да се искористи.
-Но сето тоа не е доволно и затоа минималната плата ќе порасне и наредната година. Во Буџетот имаме одвоено пари за покачување и на пензиите во март 2023 година за нови шет отсто. Со тоа за сите 330.000 пензионери ќе обезбедиме покачување за 16 отсто на пензиите за една календарска година. Ако пред 10 месеци клучното прашање беше дали ќе успееме да обезбедиме храна, пари, струја и нафта, денеска клучното прашање е можеме ли заедно да го пребродиме последниот дел од економската бура, вели Ковачевски.
Тој истакна дека 2023 е година на економски пресврт и подобар живот за сите граѓани.
– Стојам пред вас и со сиот резултат и економско познавање ви велам можеме! Со новиот буџет за наредната година и економскиот план, тргнуваме во офанзива. Конечно да ја победиме кризата, да почнеме да растеме, да го зголемиме животниот стандард и следната година да биде подобра од оваа, рече Ковачевски.
Претседателот на ОО на СДСМ-Штип, Јане Миланов истакна дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е огромна и на локално и на централно ниво. Тој нагласи една година локална власт во Штип е исполнета со импровизации, непрофесионалност, неодговорно и недомаќинско работење, со лоши кадровски решенија.
– Логична последица од сето тоа е лошата состојба во која се наоѓа градот, наспроти нивните предизборни ветувања кои всушност биле само шарени лаги и се далеку од реализација, рече Миланов.
Посочи дека се почести се прекините во водоснабдувањето што е доказ повеќе на лошото менаџирање на ЈП, но и на градот воопшто.
-Сепак мора да признаеме дека има нешто во што тие се многу, многу добри. Собирање пари на грбот на граѓаните и задолжување на сметка на идните генерации преку низа погубни, штетни одлуки донесени од нивното мнозинство во Советот на општината, нагласи Миланов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.