Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, со директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев, денеска беше во општината Бутел, каде што се довршува изградбата на најголемата социјална зграда во државата.
„Реализирани се 95 проценти од градежните работи за социјалната зграда што ја градиме овде во општината Бутел. Ова е најголемата социјална зграда во државата, во којашто наскоро домови ќе добијат 312 семејства од социјално ранливите категории.
И со овој зафат, покажуваме дека, ние, го исполнуваме ветеното“, соопшти премиерот Ковачевски, по обиколката на теренот каде се изведуваат градежните работи.
„Зградата е со два влеза, со приземје и 13 катови. На секој кат има по 24 станови. И има пристап за инвалидни лица. Подеднакво важно е тоа што Владата се грижи за сите граѓани, со посебна чувствителност кон социјално ранливите граѓани и преку дела“, рече премиерот.
„Оваа зграда има вредност од 10 милиони евра. И ако се направи споредба, тоа е еднакво на 4 лава коишто се поставени на мостот Гоце Делчев. 4 лава е еднакво на зграда со 312 станови – тоа е најдобрата споредба за тоа во што инвестира оваа Влада, а каква Владата сме имале претходни 11 години.
Не садиме палми во Вардар за стотици илјади евра, не градиме шпански скали, не правевме фасади од стиропор, не правевме скулптури на бикови и шмизли за милиони евра, туку со истите средства – социјална зграда со 312 станови за социјално ранливи категории граѓани. Вложуваме во потребите на граѓаните и тоа многу гордо можеме да го кажеме.
Овде, 312 социјално загрозени семејства, наши сограѓани, ќе добијат кров над глава и децата во овие семејства, ќе бидат на сигурно – наместо на улица!“, порача премиерот Ковачевски.
И во светска економска криза, Владата покажа дека може да се инвестира, со рационални трошења и со наменски инвестиции, во потребите на луѓето, рече премиерот Ковачевски, кој посочи дека: само пред два месеца, домови добија социјално загрозени семејства во Гостивар; во февруари распределени се социјални станови и во Св. Николе и Виница; пред нецели 4 месеци – во Пробиштип; во изминатите 4 години, изградени се или се во фаза на изградба повеќе од 860 социјални станови, во: Македонски Брод, Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Дебар, Велес, Кочани, Сарај, како и дека „се гради низ целата држава, со што исполнуваме уште едно ветување – за рамномерен регионален развој во нашата држава“.
„Република Македонија, според Уставот е социјална држава. Но ниедна Влада досега, не посветила таква грижа за социјално ранливите категории граѓани, како што тоа го правиме во изминатите неколку години“, нагласи премиерот Ковачевски, кој додаде дека Владата ги поддржува социјално ранливите категории граѓани и со низа социјални мерки и политики.
За оваа, 2023 година, како што посочи премиерот Ковачевски, обезбедени се 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги, во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика; околу 36 илјади домаќинства примаат гарантирана минимална помош; околу 31 илјада деца се опфатени со правото за образован додаток; над 47 илјади деца се опфатени со правото за детски додаток, според исплатата во декември 2022 година. Со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани, за справување со енергетската криза, обезбедени се по 3.000 денари месечно, или вкупно 12 илјади денари за четири месеци, за корисниците на повеќе категории социјални права. Социјалната помош, генерално, во изминатите неколку години, е зголемена за над 300 проценти. Истовремено, зголемувајќи ја минималната плата, зголемувајќи ја просечната плата и намалувајќи ја невработеноста.
Премиерот нагласи дека целта на Владата не е да се држат граѓаните во системот на социјална заштита, туку да се овозможи, во него да влезат оние кои се најранливи и оние кои се материјално необезбедени.
„Но истовремено, активно и посветено работиме на извлекување на граѓаните од сиромаштија!
Ова е исто така наше програмско ветување кон граѓаните.
Со ваквиот пристап, даваме шанса работоспособните граѓани да имаат повисоки приходи, како и шанси за работни места.
Така, за нецели 6 години, минималната плата ја зголемивме дури 4 пати – и од овој месец, април, таа изнесува 20.175 денари.
А на претходната владина седница го разгледавме и прифативме Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, во којшто акцент ставаме и на корисниците на гарантирана минимална
помош“, посочи премиерот Ковачевски, порачувајќи дека Владата продолжува да се грижи за сите граѓани и изградбата на социјални станови продолжува, со довршување на постојните што се започнати и со изградба на нови згради за згрижување социјално ранливи категории граѓани.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, нагласи дека Владата дава поддршка на сите на кои тоа им е неопходно.
„Преку вакви капитални проекти го враќаме достоинството на социјално ранливите граѓани, овозможуваме да имаат пристоен живот и стабилно домување. Оваа зграда не е само капитален објект, таа е иден дом за 312 семејства. Вложивме околу 9,8 милиони евра за нејзина изградба за да помогнеме на деца без родители, на корисници на постојана парична помош, на самохрани родители, лица со попреченост. Сите тие имаат подеднакво право да се чувствуваат заштитени од државата. И драго ми што придонесуваме за подобар живот на граѓаните и веќе резултати се видливи насекаде низ државата“, рече министерот Бочварски.
„Колективната, станбена зграда наменета за лица во социјален ризик во Општина Бутел, досега најголема во државата, е со вкупна нето површина од приближно 14.300.м2. Транспарентноста помеѓу АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје и Министерството за транспорт и врски овозможи во краток временски период да се објават повици за распределба на социјални станови во повеќе општини на ниво на Републиката, а поголем дел од колективните станбени згради наменети за лица во социјален ризик, се веќе распределени. Континуирано и напорно работиме, со цел да обезбедиме поквалитетен и достоинствен живот“, рече директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев.
По заокружувањето на градежните работи, што се очекува да се случи за неколку месеци, ќе биде распишан оглас за доделување на становите во социјалната зграда во општината Бутел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.