Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Париз, се сретна со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

Ова е прва средба на Премиерот со новоименуваниот Помошник државен секретар, кој стапи на должност минатиот месец. На средбата, Ковачевски и О’Брајан го реафирмираа значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Македонија и САД. Покрај билатералните односи, на средбата се разговараше и за други актуелни теми за регионот и пошироко.

Премиерот Ковачевски го запозна помошникот секретар О’Брајан со најновите внатрешно-политички случувања во Македонија и надворешно-политичките приоритети на Владата.

Беше потврдена важноста на Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД.

Помошникот државен секретар О’Брајан го реафирмира ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата. Го поздрави досега постигнатиот напредок на земјата во повеќе области и изрази очекување земјата да продолжи на патот на прогресот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.