Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со амбасадорката на СР Германија, Анке Холштајн која го завршува мандатот во нашата држава.

На состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за големото и искрено пријателство со СР Германија и за големиот придонес на Германија и личните заложби на амбасадорката Холштајн, во развојот на демократските и евроинтеграциските процеси на нашата држава.

На средбата е пренесена силна поддршка од СР Германија, Република Македонија да продолжи со нови чекори на евроинтеграцискиот пат, посебно во оваа значајна 2023 година. Тоа, како што е констатирано, отвора можности за забрзана динамика до целосното членство во Европската Унија, каде што државава и припаѓа.

Поздравени се определбите на премиерот Ковачевски и на Владата за конструктивен дијалог со демократски и интеграциски определените политички субјекти во државата, што се очекува да резултира со натамошен напредок во евроинтеграциите.

Премиерот Ковачевски рече дека СР Германија од осамостојувањето на државата, до денес е значаен политички и економски партнер на Македонија и дека поддршката од европските партнери е од големо значење за напредокот на нашата држава.

Претседателот на Владата, Ковачевски соопшти дека Владата фокусирано работи на остварувањето на европската стратешка цел, чие што остварување е значајно за квалитетот на живот на граѓаните во Република Македонија, но и за одржувањето на мотивацијата и за европската ориентација на целиот регион, што се покажа од суштинско значење по војната во Украина.

На состанокот е разговарано и за надминувањето на предизвиците во економски-енергетската криза од светски рамки, како и за други актуелни политички прашања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.