Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Кшиштоф Гжелчик, новоименуваниот амбасадор на Република Полска во земјава.
Премиерот Ковачевски посака добредојде и успешен мандат на амбасадорот Гжелчик и нагласи дека овогодинешното одбележување на 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Полска јасно ги одразува големото пријателство и меѓусебната соработка, што е во фаза на унапредување.
На средбата е оценето дека македонско-полските односи се цврсто поставени на позитивен развоен колосек, Полска е 12-ти трговски партнер на Македонија и ја продлабочуваме економската соработка, со потенцијали и во енергетскиот сектор, земјоделството, полицијата, образованието и културата.
„Полска е наш важен партнер во НАТО, ОН и еден од најгласните поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ. Го цениме активизмот на Полска, преку пријателите на Групата за проширување на ЕУ и сме благодарни за континуираната полска поддршка за досието на Македонија во ЕУ. Тоа што Полска стои зад европските интеграции на нашата држава, со разбирање и почитување на македонските стратешки и идентитетски позиции и цели е дополнителен ветар во грб да продолжиме по европскиот пат, до полноправното членство“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е нагласена силната поддршка од Полска за претстојниот чекор во евроинтеграциите, со цел забрзан интегративен процес и полноправно членство на Македонија во Унијата, во следните неколку години.
Искажано е јасно очекување дека сите политички субјекти во нашата држава го препознаваат неповторливиот моментум за постигнување на европската цел и дека пратениците во Парламентот ќе дадат глас за Европа. Посебно што треба да се има предвид дека Европската Унија повеќе од кога било е посветена на ново проширување, со земјите од Западен Балкан, поттикната од геополитичките случувања со војната во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.