Премиерот Димитар Ковачевски попладнево го пречека американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје допшатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, што се одржува од денеска до 1 декември.

Топло добредојде во Скопје за американскиот државен секретар Антони Блинкен. На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи, објави на фејсбук статусот премиерот Ковачевски.

Република Македонија, се додава во објавата на социјалната мрежа, е високо ценета како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан.

Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата, се наглаува во објвата на фејсбук статусот на Ковачевски.

Блинкен вечерва треба да учествува на неформалната вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ кој официјално почнува утре.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

-Не очекуваме средба, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

Блинкен од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток .

Состаноците на Лавров за време на Самитот на ОБСЕ во Севрена Македонија ќе бидат утре, наведува дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот.

На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, кој вечер ќе биде примен од премиерот Димитар Ковачевски, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.

Борел вчера нагласи дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради други средби во Брисел. Тој најави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Лавров, како и дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина, за кои се надева дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.