Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска учествуваа на настанот „Различни приказни, заедничка борба“, организиран во Владата по повод одбележувањето на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

На настанот, учествуваа повеќе жени од различни сфери на општествениот живот, кои ги споделија своите лични и инспиративни приказни.

Кај сите нив, беше видлива хуманоста и храброста која им е заедничка во совладувањето на животните предизвици.

Во своето обраќање, упатувајќи честитки по повод Меѓународниот ден на жената, премиерот Ковачевски подвлече дека овој ден може да се искористи за да се даде гласност на пораките и дека без потполна родова рамноправност нема ни демократија, ниту социјална правда, а неговата лична заложба е тоа да не е само денеска.

Во продолжение ви го пренесување обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

Дозволете ми на почетокот да го честитам 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

Денеска е денот кога даваме гласност на пораките дека без потполна родова рамноправност нема ни демократија, ниту социјална правда!

Она за кое јас се залагам, е тоа одбележување да не е само денеска.

Цврсто стојам на ставот дека овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност и видливост – секој ден.

8 Март е секако можност да поразговараме за економската, политичката и социјалната рамноправност на жените, но тој е првиот од 365 дена гласност за која јас силно се залагам.

Како Влада активно работиме да изградиме општество без стереотипи и дискриминација, општество кое е инклузивно и обезбедува еднакви можности за сите. Општество во кое сите заеднички се грижиме и секојдневно ги охрабруваме борбата против родовата нерамноправност, сексизмот и мизогинијата.

Активно работиме за да ги запреме сите видови на неправда во општеството, зашто борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество.

Минатата година, Република Македонија го донесе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. За прв пат во овој закон се дефинирани различните форми на насилство врз жените, и за прв пат имаме законско решение кое насилството врз жените и девојките го дефинира како родово базирано насилство.

Ова е прв закон кој дава обврска на институциите да постапуваат со должно внимание при заштита на жени жртви на насилство и семејно насилство.

За првпат во националната легислатива е воведен и клучниот процес за затворање на кругот на насилство врз жени и семејно насилство со реинтеграција на жени жртви на насилство.

Во законот воедно е предвидено и брзо и ефикасно постапување на сите институции во институционален одговор на секаков обид за насилство.

За прв пат досега, законот предвидува и обврска за судовите кои се должни во рок од 24 часа од насилството да донесат одлука за отстранување на сторителот од домот од 10 до 30 дена, како и сет мерки и услуги за привремен престој за жените жртви на семејно насилство, нивните деца, жртвите на  трговија на луѓе и сексуално насилство, каде ќе им биде обезбедена помош и поддршка.

Од сите нас зависи како ќе се спротивставиме на насилството, молкот не е решение, зборувањето, дигањето глас, преземањето мерки и мултидисциплинарниот пристап е вистинскиот пат за искоренување на насилство врз жени, родово базирано и семејно насилство.

Реагиравме и на трендовите на сексуално вознемирување на интернет.

Токму затоа во Кривичниот законик ги воведовме како нови кривичните дела „Демнење“ и „сексуално вознемирување“ како одговор на злоупотребата на интернет каналите за комуникација.

Нашите заложби за економско јакнење ги вклучуваат подеднакво и девојките и жените.

Ги имаме и првите ветувачки резултати. Македонија е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи кои имаат учество од 53% во вкупниот број на истражувачи во државата. Тоа е потврдено во последниот објавен извештај на УНЕСКО.

Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а успешно го имплементира проектот Гаранција за млади за брзо вработување веќе четири години по ред. Ова е проект во чиј фокус се млади, невработени лица до 29 години.

Со оваа мерка минатата година беа опфатени 19.298 млади невработени лица од кои дури 74,8% се жени.

Со новото зголемување на минималната плата пак им излегуваме во пресрет на вработените во индустријата за текстил, кожа и чевли, во кои најголем процент се жени.

Грантот за руралните жени од мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ е само една од повеќето мерки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за директна поддршка на индивидуалните земјоделки. Тука се уште и мерките „Млад земјоделец“, како и поддршка за стартување на нов агробизнис.

Продолжуваме во настојувањата за анулирање на разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените и во секој сектор да обезбедиме девојките и жените да имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции.

Денеска, со честитките по повод Меѓународниот ден на жената повикувам да не запреме тука.

Независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава која нема да толерира дискриминација по ниеден основ.

Само така, заедно создаваме инклузивно, еманципирано и силно општество.

Да живее 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.