Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која денеска е во работна посета на Гостивар, на Градскиот плоштад се обрати на настанот по повод 100 години од раѓањето на еден од најголемите македонски херои и борци, Чеде ФилиповскиДаме.

Во своето обраќање, министерката за култура ги истакна придонесот и пожртвуваноста на Чеде Филиповски во отпорот и борбата за ослободување од фашистичката окупација за време на Втората светска војна.

„Пред споменикот на нашиот народен херој Чеде Филиповски-Даме, од Гостивар се потсетуваме на пораката дека достоинството им прилега на храбрите и дека храбрите се нашето достоинство, нашиот идентитет, нашата инспирација. Само храбрите носат храбри одлуки во тешки и неизвесни времиња“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека и по 100 години од неговото раѓање и 78 години од неговата прерана смрт, со гордост говориме за Чеде, кој на неполни 20 години имал непогрешливо чувство за војување и неизмерна храброст за јуришање во сите борби од 1941-ва.

„Со таков јуриш, во првите редови, на денешен ден пред 79 години, влегол и во завршната битка за ослободување на Гостивар. Во неговата борба за слобода и во неговата претстава за слободна Македонија сите граѓани биле еднакви, без разлика на нивната етничка припадност. И во тоа е големината, и тоа е што ги прави луѓето големи“, нагласи министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска ја истакна посветеноста на Владата и на Министерството за култура, кои негуваат посебен однос кон нашето антифашистичко минато и кон сите наши борци, народни херои, ослободители.

„Ветивме дека оваа, 2023 ќе биде година во која ќе ги обновиме сите споменици од Народноослободителната војна. Тоа и го правиме. Ме радува достојниот однос на Општината и на жителите на Гостивар кон споменикот на Чеде Филиповски-Даме“, рече министерката за култура, која упати честитки по повод 18 Ноември, Денот на ослободувањето на Гостивар.

На настанот, кој беше во организација на Општина Гостивар, присуствуваа и претставници од Сојузот на борците, членови на семејството на народниот херој Чеде Филиповски-Даме, претставници од Општина Гостивар.

Mинистерката Костадиновска-Стојчевска претходно положи свежо цвеќе пред споменикот на народниот херој, кој е авторско дело на скулпторот Насо Беќаровски.

Одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Чеде Филиповски се заокружи со проекција на краток филм посветен на овој значаен народен херој, а настапи и групата „Шербет“, како и Културно-уметничкото друштво „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.