Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола присуствуваше на потпишувањето на Меморандум за разбирање за отворање Европска куќа во градот на конзулите.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со министерката Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Тони Коњановски, го посети просторот во Офицерскиот дом на Широк сокак во Битола каде што е лоцирана Европската куќа.

Поздравувајќи ја одлуката за отворање Европска куќа во европска Битола, како што кажа Костадиновска-Стојчевска, таа ја толкува како порака – дека е уважена вистинската вредност и големина на Битола која е отворен широк сокак за добронамерните, за пријателите.

И денеска, драго ми е што гласот на моите сограѓани битолчани беше помоќен од ’дуинг-бизнисот‘. Овој раскошен објект, чии темели се поставени пред 114 години, беше осакатен и, во февруари 2016-та, беше ставен на продажба. Со гласноста на битолчани, аукцијата беше повлечена, а со поддршка од ЕУ и од претходниот советнички состав на Општина Битола и локалната самоуправа, на Офицерскиот дом му се вратени убавиот лик и достоинството. Минатата година, со одлука на Владата, го прогласивме за културно наследство од особено, големо значење, со што објектот ужива највисок режим на заштита, каков што и му прилега“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Според евроамбасадорот Гир, овој простор во иднина ќе биде место каде што новата генерација млади луѓе ќе можат да се среќаваат и ќе разговараат за важни прашања поврзани со идниот правец на нашата земја кон Европската Унија,  односно за правецот по кој ќе се движат како идни граѓани на ЕУ.

На Европската куќа младите и локалното население во иднина треба да гледаат како на прозорец кој ќе ги води на патот кон Европската Унија.  Прозорец низ кој луѓето можат да го видат огромното богатство и културно наследство кое вие, како град и како земја, можете да ѝ го понудите на Европа, рече Гир.

Тој посака Офицерскиот дом, како што рече, да го исполниме со човечки гласови и млади луѓе.

Навистина верувам дека граѓаните на Битола, Европската куќа ќе ја гледаат како наша куќа и наш дом, рече Гир.

Градоначалникот на Битола, Коњановски, пак, рече дека отворањето на Европската куќа, всушност, ќе биде продолжение на долгогодишната соработка и партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија и Општина Битола.

Со потпишувањето на Меморандумот од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски,  Битола  станува дел од мрежата на Европски куќи, по оние во Скопје, Крива Паланка и во Струмица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.