Статусот на заштитата на авторските права на актерите во земјите од Западен Балкан кандидати за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и нашата држава, е во фокусот на дводневната Регионална конференција за колективно управување на авторски и сродни права која ќе се одржи денеска во Скопје.
Конференцијата е насловена „Проширувањето на ЕУ и авторското право: Што е следно за актерите во Западен Балкан?“ и е прва од ваков вид во земјава со регионален опфат и влијание.
-Имајќи ги предвид аспирациите на Македонија, членството во ЕУ подразбира обврска за имплементирање на правото на ЕУ (acquis) за авторско право и обезбедување на сите актери и музичари да имаат исто ниво на заштита како и изведувачите во Европската Унија.
Преку конструктивни дискусии и успешни примери од другите ЕУ-земји, конференцијата ќе се обиде да одговори на предизвиците кои земјите од Западен Балкан треба да ги надминат по однос на темата, соопшти Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права.
На конференцијата ќе се дискутира за имплементацијата на клучни ЕУ-директиви, како што се Директивата за сателитско емитување, Директивата за авторско право и колективно управување, и напредокот во усогласувањето на локалното законодавство со европските стандарди.
-Настанот ќе собере експерти од владини институции, организации за колективно управување, синдикати и здруженија од регионот, кои ќе дискутираат за актуелните предизвици и можности во локалниот аудиовизуелен сектор, со цел да се создаде одржлива работна средина за актерите, наведува Асоцијацијата во најавата за настанот.
Меѓу учесниците се најавени министерот за европски прашања и главен преговарач со Европска Унија, Орхан Муртезани, словенечкиот амбасадор во земјава, Грегор Прескер, Мари-Мадлен Канелопулу, раководителка на сектор при Делегацијата на ЕУ во земјава, Тило Герлах, претседател на Асоцијацијата на европски актерски организации AEПO-AРTИС, Грегор Штиберник од Здружението за колективно управување со авторски права на автори, изведувачи и продуценти на аудиовизуелни дела од Словенија АИПА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.