Фондацијата „Фридрих Еберт“ информира дека во соработка со Амбсадата на Сојузна Република Германија во Македонија, во понеделник, 5 декември 2022 година со почеток од 10:00 часот, во хотел „Александар Палас“ ќе се одржи конференција на тема „Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“ на која е предвидено да се обратат министри од земјата и регионот, координатори, советници и претставници на граѓански организации.

Целта на овој настан е отворање дискусија за придобивките од Берлинскиот процес на национално и регионално ниво, привлекување на вниманието на проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан во услови на војна во Украина, а исто така, ќе се дискутира и за енергетската безбедност како дел од зелената агенда и заедничкиот регионален пазар.

Конференцијата ќе биде отворена со воведни излагања на претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан Мануел Сарацин, претставникот од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) Блажен Малески и директорот на Фридрих Еберт Фондацијата (ФЕС) во Македонија Рене Шлее.

За првиот панел насловен „Влезот во ЕУ од политичка амбиција до геостратешка неопходност?“, потврдено учество имаат заменик на претседателот на владата за европски прашања Бојан Маричиќ, директорката за Југоисточна Европа, Турција, OБСЕ и Советот на Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија Сузана Шутц, потпретседателката на ПЕС и поранешна министерка за одбрана Радмила Шекеринска, државниот секретар во Министерството за надворешни работи Филип Тошевски, претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Марко Трошановски и директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска.

Вториот панел „Заеднички регионален пазар – промоција на регионалниот економски развој: елементи за напредок“ предвидени се обраќања на заменик на претседателот на владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, државниот секретар во Министерството за економија Размена Чекиќ, генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум – асоцијација на шесте национални комори од регионот на Западен Балкан Татјана Штерјова Душковска и асистент професор на школата за бизнис во Копенхаген Олимпија Христова Заевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.