Резолуцијата за прогласување на септември 2022 година за „Месец на македонско-американското наследство“ поднесена во Претставничкиот дом на Конгресот на САД во октомври, добива на сила и во изминатиот период е поддржана од уште пет конгресмени.
Предлог-резолуцијата досега ја поддржале 35 конгресмени, а ако биде изгласана, тоа ќе го поплочи патот за идејата македонско-американското наследство во САД да се слави секој септември на федерално ниво.
Oд Обединета македонска дијаспора (ОМД), за МИА појаснуваат дека водечка организација на македонските Американци, ОМД помогнала на четворицата спонзори на резолуцијата во нејзиното пишување и составување. Тоа се конгресмените Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија, Деби Дингел и Лиза Меклејн, првата демократка, втората републиканка од Мичиген и Клаудија Тени, републиканка од Њујорк.
Резолуцијата беше поднесена лани во октомври, а нејзиниот текст на конгресниот сајт објавен два месеци подоцна. ОМД, која активно лобира за македонските интереси во Вашингтон, во изминатиот период ги засили активностите за добивање побројна поддршка од конгресмените, бидејќи, како што изјави за МИА претседателот на ОМД, Мето Колоски, 2021 беше „хаотична со многу непланирани активности во Конгресот, па сите беа зафатени“.
Резолуцијата досега ја поддржаа 35 конгресмени и сите очекуваат да станат коспонзори. ОМД помогна во нејзиното составување и пишување, заедно со четворицата конгресмени копретседавачи. Оваа резолуција е слична на таа што Мичиген ја изгласа лани во август – нагласува Коловски.
За септември 2022 година навистина да се слави како „Месец на македонско-американското наследство“ во САД, резолуцијата треба да помине низ Комитетот за реформи и потоа Претставничкиот дома да ја усвои со просто мнозинството.
Од ОМД сега очекуваат да добијат повеќе коспонзори, на што се работи со испраќање писма до конгресмените. Тоа може да го направат и сите македонски Американци со повик до претставникот на Конгресот од соодветниот округ во кои тие живеат преку следниот линк.
Колоски понатаму планира да почне акција за поднесување на резолуцијата и во Сенатот, па да добие поддршка и од претседателот на САД, но и да биде поддржана одделно од секоја сојузна држава, како што тоа го направи Мичиген.
Ако на ОМД им успее оваа идеја, македонската дијаспора ќе застане рамо до рамо со полската, ирската, еврејската или грчката, кои го слават своето наследство со празници што во САД се прифатени на федерално ниво.
Она што е посебно интересно за оваа резолуција е тоа дека во текстот е наведена цела историографија на придонесот на македонската заедница во САД и влијанието што таа го оставила во земјата поради што треба да се слави македонскиот јазик, култура и постигнувања.
Резолуцијата наликува на скапоцена колекција од факти кои даваат појасна слика за нашите иселеници во Америка, вклучувајќи го и тоа дека тие бројат околу половина милион и дека постојат докази дека „македонското присуство во континенталниот дел на САД постои уште од околу 1492 година“ – вели Колоски.
Тој информира дека ОМД редовно учествува во одбележување на Месецот на имигратското наследство во САД и уште од 2015 година објавува историски факти за македонските иселеници.
Ние работмиме напорно и нашите стажанти во летната школа на ОМД дојдоа до сите овие информации со истражување на архивите, иако многу од овие податоци се јавно достапни со обично гуглање – посочува Колоски.
Во текстот стои дека „од 1880 година наваму десетици илјади Македонци заминале во Америка во потрага по граѓански и верски слободи, човекови права и економски можности“, а како последица на повеќе тектонски политички поместувања во регионот што се случувале низ целиот 20 век како Илинденското востание против отоманската власт во 1903 година, Балканските војни 1912-1913, двете светски војни, Граѓанската војна во Грција и политиките на поранешна Југославија.
Понатаму е наведено е дека „моментно македонската заедница во САД е енергична заедница вградена во американскиот мозаик, учествувајќи во сите сфери на животот, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарството, атлетиката и останато“.
Според проценките на ОМД, во САД живеат половина милион Американци со македонско потекло и тоа во заедници во сојузните држави Мичиген, Њујорк, Охајо, Њу Џерси, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Калифорнија, Аризона, Тексас и Вирџинија.
Резолуцијата наведува дека македонските Американци придонеле за изградба на монументалните американски транспортни рути како што е Големата северна железница.
Понатаму се наведени десетици истакнати наши сонародници кои оставиле печат во своите заедници.
– Во 1922 година, македонско-американските имигранти Том и Џон Кираџиеф, користејќи стари македонски рецепти пренесени од нивните родители и баби и дедовци, го создадоа чилито Синсинати, омиленото американско јадење, кое во 2013 година беше прогласено за едно од „20-те најиконски јадења во Америка“ од Смитсонијан.
– Македонските имигранти основаа своја верзија на познатиот хот-дог Кони Ајленд на почетокот на 20 век, кој останува главно јадење во рестораните во стилот на Кони Ајленд низ Средниот Запад;
– Стојан Христов, кој емигрирал во САД во 1911 година, бил американски автор, новинар, разузнавач од Втората светска војна и претставник на државата Вермонт (1961–1962), сенатор (1963–1972) и ја напиша книгата „Ова е мојата земја“, која беше омилена на претседателот Френклин Д. Рузвелт;
– Мајкл Александар (Лазароф) од Питсбург и Њујорк Сити беше познат меѓународен адвокат кој служеше како правен советник на многу британски и ирски владини организации и корпорации за што беше почестен од нејзиното кралско височество кралицата Елизабета Втора како командант на Британската империја.
– Џими Н. Димос служеше како судија на 4-тиот судски окружен суд во Луизијана (1999–2006) и како член и претседател на Претставничкиот дом на Луизијана (1976–1999);
– Македонските Американци придонесоа многу за економијата на Соединетите Држави, создавајќи безброј работни места за американскиот народ во нивните заедници; Мајк Илич, добитник на Медалот на честа на островот Елис, и Маријан Бајоф Илич одиграа значајна улога во движењето за граѓански права и плаќаа за киријата на активистката Роза Парк во Детроит повеќе од една деценија. Тие ја отворија својата прва пицерија Little Caesars во 1959 година, што прерасна во трет по големина синџир на пица во светот. Тие се сопственици на спортските клубови Detroit Red Wings и Detroit Tigers, а во 2015 година запишаа историја со давање на Државниот универзитет во Детроит 50 милиони долари, најголемата донација досега, истакнувајќи ја нивната доживотна посветеност на промовирање на претприемништвото, образованието и ревитализацијата на Детроит;
– Кристофер Илич, претседател и извршен директор на Ilitch Holdings, Inc. и претседател на Ilitch Charities, даде над 220 милиони американски долари за помош за развојот на младите, со филантропски грантови за ревитализација на заедницата од 2000 година. Тој ја продолжи традицијата и визијата на неговите родители Мајк и Маријан Илич да го унапредат глобалниот статус на Детроит со развојот на Окргот Детроит, кој прерасна во динамичен спортски и забавен кварт во кој има наградувани театри, четири професионални спортски тимови и три спортски локации за повеќекратна употреба, вклучително и современата Литл Цезар Арена, дом на Детроит Ред Вингс, Детроит Пистонс и други забавни настани во заедницата од светска класа. Четири од осумте женски имиња што некогаш биле врежани на Стенли купот се македонските Американки, Маријан Илич (1997, 1998), Дениз Илич (1997, 1998), Лиза Илич (1997, 1998) и Керол Илич Трепек (1997), сите со Детроит Ред Вингс;
– Ендрју Пејков, постариот, од Калифорнија ја основаше Нијагара Ботлинг, ДОО во 1963 година, една од најголемите приватни компании за флаширање вода во САД. Преку програмата за стипендии на Ендрју Д. Пејкоф, постариот, додели над 1,5 милиони американски долари на американските студенти и преку Niagara Cares, достави милиони шишиња чиста како помош во катастрофи во Тексас, Флорида, Порторико, Девствените Острови и на Мексико Сити, како и да обезбеди грант од 10 милиони долари за Хаиме Peykoff Follicular Lymphoma Initiative за финансирање грантови за истражување на фоликуларен лимфом, меѓународни научни работилници и клинички награди;
– Џорџ Атанасоски од Ормонд Бич, Флорида, кој емигрирал во САД во 1970 година и бил добитник на Медалот на честа на островот Елис, го основал Microflex Inc., производител кој доставува широк спектар на флексибилни метални производи за големи клиенти како што се General Electric, Ford, Siemens, General Motors, Rolls Royce и NASA;
– Катрина Маркоф, по потекло од Форт Вејн, Индијана, шампион на промени во малиот бизнис, го основаше Vosges Haut-Chocolat што беше прогласена за една од 10-те најдобри чоколади во светот од National Geographic;
– Мајк Зафировски од Форест Хилс, Илиноис, добитник на Медалот на честа Елис Ајленд и поранешен претседател во Советодавниот комитет за телекомуникации за национална безбедност, служеше во одборот на „Боинг“, беше претседател и извршен директор на „Нортел“, глобална комуникациска технолошка компанија и претседател и главен извршен директор на „Моторола“, а во текот на 25-годишната кариера во GE, служеше како претседател и извршен директор на пет бизниси на GE во областа на потрошувачите, индустриските и финансиските услуги;
– Леон Спероф од Портланд, Орегон, признат како гигант во акушерството и гинекологијата, постигна значителни достигнувања во репродуктивната ендокринологија, менувајќи го начинот на кој се практикува медицината;
– Џорџ Даикоф од Санкт Петербург, Флорида, реномиран кардиоваскуларен и торакален хирург, беше неверојатен во своето поле на детска кардиохирургија („сини бебиња“) што беше новонастана, непозната област во 1970-тите. Тој инсталираше пејсмејкер кај најмалото недоносено новороденче во 1984 година, изврши важно истражување кое го унапреди полето;
– Питер Т. Џорџ освои три олимписки медали за САД во кревање тегови, пет светски првенства и беше шампион во средна категорија на Панамериканските игри, а подоцна стана доктор по орална медицина и беше пионер во третмани за опструктивна ноќна апнеја;
– Јован Ласковски, од Акрон, Охајо, беше примен во Меѓународното здружение за артроскопија на колкот (ISHA) во 2013 година и стана еден од 26-те хирурзи во Соединетите Американски Држави, примени во ISHA;
– Македонските Американци имаат огромен придонес и за американската атлетика и професионални спортови, вклучувајќи ги Влатко Андоновски, главен тренер на женската фудбалска репрезентација на САД; Сашо Цировски, главен тренер на машкиот фудбалски тим на Универзитетот во Мериленд; Дино Делевски, поранешен фудбалер на Милвоки Вејв и актуелен тренер на Чикаго Инферно; Стефан Козлов, професионален тенисер; Кевин Кузманов, поранешен професионален бејзбол играч и актуелен тренер во атлетската организација Оукланд; Чеди Осман, НБА играч на Кливленд Кавалирс; Јован Кировски, поранешен фудбалер и актуелен технички директор на Лос Анџелес Галакси…
– Капитенот на Тампа Беј Лајнтинг на Националната хокеарска лига и победниците на купот Стенли од 2021 година, Стивен Стамкос, е имигрант од Канада со македонско наследство;
– Ник Ваноф режираше и продуцираше познати американски мјузикли, филмови и телевизиски емисии, вклучувајќи ги „Кис ме Кејт“, „Вчерашното шоу“, „Градот на ангелите“, „Звукот на Божиќ“ и „Часовите на Џули Ендрус “, и го создаде и произведе годишниот „Почести на Центарот Кенеди“;
– Димитри Димитров, порано со хотелот „Сансет Тауер“ во Лос Анџелес, во моментов со Бунгаловите „Сан Висенте“, е најпознатиот холивудски менаџер, според „Бон Апетит“ и „Холивуд репортер“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.