Клубот за бугарско-македонско пријателство го поздравува напредокот во подобрувањето на односите меѓу Бугарија и Македонија постигнат со прифаќањето на европскиот предлог за деблокирање на нашите евроинтеграции од двете земји, јави дописникот на МИА од Софија.
Членовите на Клубот им честитаат на двете влади и двата парламента за покажаната политичка храброст, како и за заложбите на Франција и на Европската Унија за постигнатото решение.
Во документот испратен до дописништвото на МИА во Софија, се вели дека Клубот сфаќа оти ова е само почеток на сложен и повеќедимензионален процес, кој мора да добие јавна поддршка во двете земји.
Клубот за бугарско-македонско пријателство е убеден дека тоа може да се постигне само со „активна и целосна комуникација на сите нивоа меѓу двете општества и остварување на заедничките цели со потенцијалите и напорите на сите заинтересирани страни – бизнисот, невладиниот сектор, академските институции, граѓанско општество“.
– Ни претстои многу работа за да создадеме услови нашите односи да не се развиваат само на високо политичко ниво, туку да започнеме позитивен разговор меѓу сите учесници во општествата во двете земји, посочуваат од Клубот.
Само така, според Клубот, може да го надминеме меѓусебното непознавање, кое придонесува како „херои“ на односите меѓу Софија и Скопје да бидат претставувани само оние кои влеваат страв и омраза меѓу двете општества.
– Овие „актери“ треба да бидат заменети со луѓето кои ги поврзуваат, а не кои ги делат луѓето, кои градат мостови, врски и разбирање, а не кои сеат омраза и реваншизам, додаваат од Клубот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.