Делегација од Европската команда на армијата на САД денеска ја посети ЈЗУ Клиника за хематологија.

На таа локација интензивно се гради вториот кат, со средства во висина од милион долари, обезбедени преку Амбасадата на САД во Македонија. Со тие финансии ќе се прошируваат капацитетите за хоспитализација, односно ќе се изврши надградба на уште еден спрат.

Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, нудат можност клиниката да му служи не само на македонскиот јавен здравствен систем, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во поширокиот регион – информираат од Клиниката.

Со оглед на тоа дека секојдневно се бара кревет повеќе, од Клиниката велат дека оваа инветиција ќе биде големо олеснување.

Благодарение на донацијата од САД, на Хематологија годишно ќе се примаат 70 нови пациенти со малигни болести за кои досега немаше место. Финансиската помош е признание на САД за потенцијалот што го носи менаџерскиот и лекарскиот тим на ЈЗУ Клиника за Хематологија Скопје – истакнаа од Клиниката.

Очекувањата се дека новиот кат ќе биде ставен во употреба во јуни следната година, информира директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис.

На новиот оддел, годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од нашата земја и 10 до 15 од соседните земји, кои досега не можевме да ги прифатиме заради немање просторни услови. Тоа се пациенти со малигни хематолошки болести, една од најранливите групи на пациенти. Клиниката за хематологија сега е на мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Со оваа донација, Хематологија доби додадена вредност од техничка гледна точка, простор и опрема со која дополнително ќе се подобри медицинската услуга за пациентите – вели Пановска-Ставридис.

Според неа, со почеток со работа на новото одделение, на пациентите ќе им биде ставено на располагање се што поседуваат и нудат најсовремените центри од ваков вид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.