Дали се изнесени документи од Државното јавно обвинителство? Кој вади документи од Државното јавно обвинителство? Како одредени документи стигаат до медиумите? Зошто лица кои не се вработени во Јавното обвинителство ги поседуваат документите и ги доставуваат до новинари? Прашања на кои нема одговори и кои никој не ги поставува.
Извештајот од извршената контрола врз вишото јавно обвинителство стигна во јавноста пред да биде испратен во институцијата која била предмет на контрола. Ваквото обвинување минатата недела пристигна од шефот на вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи. Според него, целта на ваквата постапка е да се оцрни тој како обвинител и институцијата која ја води.
Од Државното јавно обвинителство молк. Ниту демант ниту потврда на ваквите тврдења. Нема никаква загриженост дали се изнесуваат документи, кој изнесува, како и кога изнесува. Хајрулахи тврди дека поседува снимка на која се гледа кој на кого ги доставува деликатните документи. Денеска испративме прашања до Државното јавно обвинителство, каде меѓу другото прашавме дали имаат сознанија дали Извештајот од извршената контрола врз вишото јавно обвинителство стигнало во јавноста пред истото да биде доставено до Вишото јавно обвинителство и кој ги изнел документите. Очекуваме одговор во текот на денешниот ден.
Се чини дека никој не се заинтересира за тоа кој изнел документи од Државното јавно обвинителство, туку главниот акцент е ставен на тоа кој во кафуле го симил предавањето на материјалите, снимка направена на јавно место.
-Ќе ви доставам ЦД со видео материјали на кое се гледа како еден женски лик на друг женски лик дава папка со информации кои што потекнуваат од Јавното обвинителство. Не препознавам никого на видеото, но од свиркачот ми е кажано дека станува збор за член на семејството на еден високо-позициониран Јавен обвинител, за кој Јавен обвинител станува збор? Не смеам да кажам, тоа истражните органи ќе го докажат, изјави минатата недела Мустафа Хајрулахи за Канал 5.
Харјлухаи најави дека материјалите ќе ги достави до надлежните институции од кои очекува да го расчистат случајот, со цел да биде заштитена институцијата и тој како шеф на вишото обвинителство.
Секако ќе ги доставам до МВР, нека си поведе постапка, нека работи до случајот, и истото да биде доставено и до ОЈО со цел да се види лицето кое ги дава материјалите, од каде му се истите, изјави Хајрулахи.
Неофицијално, на снимката се гледало како ќерка на еден јавен обвинител, која не е вработена во обвинителството, ги предава документите.
Хајрулахи во изминатиот период беше присутен во јавноста откако јавно го обвини шефот на Републичкото јавно обвинителство Љупчо Коцевски дека вршел директен притисок врз него, во насока да биде внимателен каква одлука ќе донесе за предметот со бонусите на СЈО и во истиот да не се дава својство на оштетен на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа Хајрулахи смета дека извршената контрола во вишото обвинителство е производ на организирана хајка и притисок врз него.
Коцевски пак неодамна изјави дека контроли се вршат во сите Обвинителства, а сите сознанија од извршената контрола ќе бидат објавени по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавно обвинителство.
До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда – изјавува Коцевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.