ВМРО-ДПМНЕ инсистира да продолжи заглавената процедура за измени на Законот за бранителите. Пратеничката Марија Митева денеска на прес-конференција во Собранието ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на собраниската Комисија за труд и социјала да се потпишат на барањето до комисиската претседателка Илире Даути од Европскиот фронт да го стави законот на дневен ред.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади ги повикаа пратениците од СДС од истата комисија да се потпишат на барање до г-ѓа Илире Даути за свикување на седница на Комисијата со точка на дневен ред – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Р. Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка кој е поднесен и е предлог на пратеничката Славјанка Петровска. Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка и очекуваме одговор дали пратениците на СДС ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на комисијата Илире Даути не свика седница ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација – рече Митева.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе почека одговор до денеска до 15.30 часот, додаде Митева.

– Ја користам оваа прилика уште еднаш да ја повикам пратеничката Славјанка јавно да го соопшти ставот на СДС по однос на овој предлог. Во спротивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат ова барање без поддршка и потписи од пратениците на СДС, со што практично ќе се види нивната вистинска намера за политизирање – рече Митева.

Предлогот за измени на овој закон пред десетина дена предизвика многу политички реакции и меѓусебни обвинувања помеѓу партиите од власта и од опозицијата, како и во македонскиот блок и во албанскиот блок.

ОД ДУИ, пак, ја обвинија Вреди дека дозволила овој закон да се најде на дневен ред на пленарна седница без во него да бидат опфатени борците на ОНА.

ОД ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека безрезервно ги поддржуваат бранителите.

Но, откако на пленарна седница беше изгласана потребата законските измени да се донесат во скратена поспатка, претседаелката на матичната комисија Илире Даути не го испочитува Деловникот и не го закажа за комисиска расправа во рок од 24 часа. Таа ја закажа комисиската седница, но на неа се усвои само предлог-законот со кој се покачија пензиите. Нејзиното објаснување беше дека постапила како Албанка. Рече дека додека е таа на чело на Комисијата за труд и социјална политика нема да става на разгледување „закони што дискриминираат“.

Според Деловникот, штом Даути не го стави законот на дневен ред, седницата со тој закон на дневен ред требаше да ја свика претседателот на Собранието Африм Гаши, но тој не ја свика, со објаснување дека претседателката на Комисијата навреме ја свикала седницата, во рок од 24 часа по утврдувањето дека законите ќе се носат по скратена постапка, а тоа што овој закон не беше на дневниот ред, не е опфатено со Деловникот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.