Денеска во Скопје почина професорот Ѓорѓе Марјановиќ.
Роден 1939 година, Марјановиќ беше професор по кривично право, почесен претседател на Лигата за демократија и дисидент од времето на комунизмот.
Познат е по своите колумни во весникот „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на град Скопје.
Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: “Правните последици на осудата”. Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).
На прославата на 80. роденден на професорот беше промовирана збирката негови колумни и беше најавенa работата на Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“.
Нѐ напушти Ѓорѓе Марјановиќ, веројатно најголемиот ум што Македонија го имала. Професор, преведувач, полиглот, како да беше пратен од свемирот да нѐ описменува. Вечна ти слава и светол пат, професоре!, вели во својот последен поздрав адвокатот Александар Тортевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.