Јелена Спасова е назначена за генерален директор на Занаетчиската комора, соопштија денеска од Комората.
За генерален директор Спасова вчера ја именувал Управниот одбор на Занаетчиска комора (ЗКРСМ). Во изјавата за МИА, таа вели дека ќе се залага за реализација на социјалните, економските цели на коморите и ќе ги застапува интересите на членовите пред надлежните институции.
-Да ги поврземе традицијата, развојот и истражувањето на занаетчиството со технологијата и техниката, да се развиеме и подобриме. Целта е да ги привлечеме и младите, да ги промовираме перспективите, потенцијалите и можностите пред нив и јавноста, изјави Спасова.
Таа е дипломиран економист во насоката финансии, банкарството и осигурување – менаџмент во секторот на јавни услуги. Работела со финансиски институции, во домашни и странки компании, невладиниот сектор. Спасова е сертифициран тренер на повеќе обуки од областа на претприемништво и финансиите, обуки за бизнис консалтинг, тренинг и деловна комуникација.
Претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији рече дека целта е да им се помогне на занаетчиите да го добијат заслуженото место во општеството, да се постигне конструктивен дијалог, кој ќе овозможи и воспостави рамковни услови за развој и унапредување на малиот бизнис и занаетчиството.
Занаетчиската комора на Република Македонија е основана во 2004 година и се состои од 15 регионални занаетчиски комори. Нивни членови можат да бидат занаетчии и занаетчиски служби и други правни лица, кои со своите активности придонесуваат за подобрување на претприемништвото и развој на занаетчиството.
Занаетчиската комора на Република Македонија во координација со Регионалните занаетчиски комори (нејзините членки) спроведува јавни овластувања и во партнерство со сите релевантни институции иницира, креира и спроведува одржливи наставни програми и програми и ги мобилизира сите занаетчии со цел да се развие и унапреди занаетчиството, да се подобри конкурентноста и да се усогласат економските норми на Република Македонија со стандардите на ЕУ. ЗКРСМ е под надлежност на Министерството за економија на Република Македонија.
-Поради нашиот коморски систем, социјалното партнерство со државните институции на РСМ и поради законските овластувања утврдени со Законот за занаетчиство, активни сме во поддршка на занаетчиството, подобрување на квалитетот на занаетчиските производи и услуги, како и застапување за социјалното и економските интереси на занаетчиите на целата територија на РСМ, велат од комората.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.