Во текот на вчерашниот ден од страна на МВР до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција доставено е известување, а по претходно собрани одредени податоци од страна на УЈП за кривично дело даночно затајување, за делото измама, односно даночна измама и за перење пари.
Јавното обвинителство веднаш постапи, оформи предмет и до судот достави барање за издавање наредби за претрес во одредени градови и во одредени фирми и домови. Со тоа што беше успешна акцијата, се прибавија одредени материјални докази и одредени компјутерски материјали, изјави вечерва во гостување на МТВ државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Прашан дали имаат доволно докази за да се покрене обвинение, Коцевски појасни дека засега е многу рано и додаде оти се работи за предистражна постапка.
– Во моментов само што ме известија, сослушани се три лица пред јавниот обвинител, со тоа што за едно лице е предложено мерки за претпазливост, за одземање на патната исправа и за јавување во судот, односно друг државен орган во одреден период. И се надеваме дека судот ќе го уважи нашето барање, потенцира Коцевски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска информира дека по вчерашните претреси во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар приведени се четири лица за даночно затајување, даночна измама и перење пари.
– Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој за жал повторно е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави Тошковски во Охрид, каде ги отвори 22. Синдикални спортски игри, во организација на Македонскиот полициски синдикат.
Вчерашната акција беше спроведена на повеќе од десетина локации на територија на земјава. Се постапуваше координирано со Обвинителството за гонење на организиран криминал по наредба на судија на претходна постапка, како и заедно со останати државни институции, како УЈП, Министерство за финансии и Царинската управа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.