Политичарите од власта треба да учат генерално како се води надворешната политика, дека имате определени интереси кои треба да ги следите во надворешните односи, во меѓународните односи. Националните интереси го одразуваат суверенитетот на една држава, тоа е основата на функционирањето на државата во меѓународниот систем. Секое отстапување од националните интереси ве доведува до ситуација да не бидете сериозен актер во меѓународните односи, на меѓународната арена и кон вас да се однесуваат на оној начин на кој денеска државите во светот се однесуваат кон Македонија, истакна Звонимир Јанкулоски во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Јанкулоски додаде дека ако се дозволи националните интереси да бидат диригирани од други држави, според нивните желби односно да се моделираат според желбите на другите држави тогаш е јасна позицијата на Македонија во рамките на тој меѓународен систем.

Доколку се прифати предлогот на Макрон, едноставно тоа ќе биде еден процес кој нема да има крај. Едноставно во секоја етапа од отворање на пристапните преговори Бугарија може да стави вето на определени прашања и да го врати процесот на одново. Едноставно се работи за игра во која како и да е Македонија губи. Мислам Македонија изгуби оној момент кога дозволи врз основа на диктат од меѓународната заедница, на диктат од една држава од меѓународната заедница да го смени името, а потоа да се надоврзе со една авантура во надворешната политика со договор за добрососедство без притоа да анализира какви се може последици тој договор да донесе по односите на Македонија и со Бугарија и генерално во регионот, на Балканот па и во Европа, рече Јанкулоски.

Јанкулоски посочи дека кога не се анализираат работите како што треба, и кога надворешната политика се сведува не на проценка туку на тапкање по рамо и ветување, во тој случај ќе се случува ова што сега се случува на Македонија. Надворешната политика ја водат политичари кои што не знаат кај тераат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.