Самит на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и Состанок на министрите за надворешни работи на Процесот, ќе се одржи денеска во Скопје како завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот под мотото „Премостување на поделбите, градење доверба“.
На Самитот, своето учество го потврдиле претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис, министерот за надворешни работи на Република Србија, Марко Ѓуриќ, министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, заменик-министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Иван Кондов, државниот секретар на МНР на Молдавија, Сергеј Михов, државната секретарка на МНР на Романија, Даниела Гитман, амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, заменик управниот директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе биде домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во ПСЈИЕ, во рамки на кој, како што најавија од Кабинетот на Сиљановска Давкова, е предвиден пленарен состанок на шефовите на делегациите по што ќе следува заедничка прес-конференција на актуелниот, претходниот и идниот претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во својство на Претседавач со ПСЈИЕ ќе биде домаќин на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот, на кој, како што информираат, учество ќе земат делегациите од 13 учесници во Процесот, претставници на Европската Унија и Регионалниот совет за соработка (RCC).
Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како форум за регионална соработка е основан во 1996 година и ги вклучува сите 13 учесници од југоисточна Европа со цел изнаоѓање на решение за регионалните прашања, јакнење на добрососедските односи, промовирање на дијалог и соработка и поттикнување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Во таа насока, главните цели на ПСЈИЕ се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.