Нема напредок во судството и во борбата со корупцијата, се наведува во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија. Во голем мера влијание на тоа имале и измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура, пишува во извештајот.

Нема напредок во судството минатата година. Судскиот систем останува на одредено и умерено ниво на подготовка. Судскиот советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Загриженост за несоодветно политички влијание предизвика контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет. Има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите, се наведува меѓудругото во извештајот.

Не е постигнат напредок, ниту во борбата против корупцијата. И во овој дел „земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во превенцијата и борба против корупцијата“.

Корупцијата преовладува во многу области и е прашање на загриженост. Се зголеми бројот на одложувања и враќање на судски предмети поврзани со висока корупција што резултираше и со застарување на дел од овие случаи. Кривичниот законик беше изменет низ брза собраниска постапка што доведе до намалување на максималните казни за специфични корупциски кривични дела, а тоа пак се одрази и на запирање, па дури и на укинување на голем број случаи на висока корупција, дел од нив почнати од поранешното СЈО. Измените, исто така, ги блокираат обидите на надлежните институции за истражување и процесирање на слични дела. Ова претставува загриженост, се вели во извештајот.

Во справувањето со организираниот криминал земјава стои подобро – се нотира дека имало некаков напредок и дека има добра соработка со државите од ЕУ и од регионот. Сепак, се очекувааат натамошни мерки во справувањето со перењето пари и слични финансии криминали.

За работата на парламентот се заклучува дека била обременета со политичка поларизација поради која, пак, било одложено усвојувањето на многу реформски закони и значајни именувања.

Процесот на преговори за пристапување во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии. Сите партии треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот. Парламентот и владата се обврзаа да започнат и да ги постигнат, како приорите, релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, се заклучува во извештајот на ЕК.

За јавната администрација се вели дека е умерено подготвена и дека во измината година имало ограничен напредок. За минус се зема што се уште не е усвоен ревидираниот закон за јавни службеници…

Кај слободата на изразување се констатира „ограничен напредок“ – општиот контекст дека има медиумска слобода и дека се дозволува критичко известување.

Беа забележани голем број напади, закани и застрашување кон новинари. Потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, вели Брисел.

Во областа на контрола на разузнавачките служби се очекува зајакнување на капацитетот за парламентарна контрола.

Во делот на економските критериуми се смета дека Македонија имала „некаков напредок“ и дека има добро ниво на подготвеност во создавање функционална пазарна економија.

Извештајот дава позитивен преглед за усогласеноста на земјата со европската надворешна и безбедносна политика и дека со тоа „Македонија се покажала како сигурен партнер на меѓународно ниво“.

Првиот човек на ЕК на презентацијата на овогодишниот пакет за проширување повтори дека овој процес останува клучен приоритет на Брисел.

Проширувањето е витална политика за ЕУ и тоа го кажувам од преземањето на функцијата. Комплетирањето на нашата унија е повик на историјата и тоа е природниот хоризонт на ЕУ. Граѓаните на земјите кои сакаат да ни се приклучат се Европејци, исто како и луѓето во денешната унија. Проширувањето е и инвестиција во нашата безбедност, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на ЕК.

Европската комисија денеска препорача почеток на преговори со Украина и Молдавија, предложи кандидатски статус за Грузија и отворање на преговори со Босна и Херцеговина штом земјата „постигне одредено ниво на усогласеност.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.