Истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) покажува дека 55 проценти од 3146 медиумски работни позиции имаат потпросечни плати. Од вкупниот број, 53 отсто се жени во оваа професија. Една петина односно над 600 работат во онлајн-медиуми каде што, според наодите, е и најголем процентот (над 70) на медиумски работници што примаат плати под државниот просек.

Во онлајн-медиумите 39,1 проценти ги уживаат правата од Законот за работни односи, односно се вработени со полно работно време. Она што стравувавме и имавме првични наоди се покажа како сурова реалност – вработените медиумски работници во интернет-изданијата се само една петина од вкупниот број работни позиции односно над 600 вработени. За жал, само еден од тројца вработени е редовно пријавен на полно работно време, а платите се под државниот просек, рече претседателот на ССНМ Павле Беловски соопштувајќи ги резултатите од истражувањето што Синдикатот го спроведува во рамки на проектот „Работнички права за независно новинарство“ во партнерство со Институтот РЕСИС и со поддршка на Европската Унија.

Истакна дека економската неизвесност и натаму е предизвик на новинарите и медиумските работници, а фокусот треба, рече, да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права. Притоа посочи дека Европската комисија нотираше дека е потребно и подобрување на дијалогот меѓу синдикатите и Владата со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина време, без социјално и здравствено осигурување.

Социоекономската независност и стабилност на новинарот/медиумскиот работник е основно за нивната професионалност и професионалните стандарди за нашата професија и влијае на интегритетот, рече Беловски, според кого заклучоците од обемното истражување го покажуваат она што му било познато на ССНМ, но  сега тоа првпат се нотира и се става на хартија.

Благодарение на поддршката од ЕУ, рече претседателот на синдикатот, со ова истражување државава сега се вбројува меѓу малкуте земји кои имаат целосен увид во состојбата во фелата. Истражувањето ќе продолжи до јуни и, врз основа на наодите, во следната фаза ќе бидат креирани предлози за најпотребните законски измени што ќе придонесат за решавање на проблемите и подобрување на амбиентот во кој работат медиумските работници и за стимулирање на квалитетот на професијата.

На конференцијата „Социоекономската сигурност – услов за професионално новинарство“, евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека за новинарите да ја работат својата работа треба да има соодветни политички, економски и општествени услови.

Круцијално е да имате социоекономски услови кои ќе ви овозможат да се вложите во работата што ја работите, што би значело дека нема секогаш да бидете само на привремени, парцијални договори и да не знаете дали ќе ја имате истата работа и следната недела. Безбедноста, праведните работни услови не се луксуз, тие се неопходни, истакна Гир.

Во опкружувањето денес и промените што се случуваат, рече амбасадорот, новинарството, за жал, не е привлечна професија за младите, а има и некои кои се привлечени можеби од погрешни причини, како што рече – „не за да ја откријат вистината, туку да извршат некакво влијание“.

Многу се гордееме што го поддржавме овој проект што го спроведуваше ССНМ во партнерство со РЕСИС, се надеваме дека ова истражување ќе ви биде од помош, рече Гир притоа посочувајќи дека претстои „тежок период“ пред изборите кога работите ќе бидат поларизирани и ќе има обиди да се дезинформира јавноста.

Маја Север, претседателка на  Европската федерација на новинари, во онлајн обраќањето се осврна на синдикалната борба на новинарите во регионот и во Европа. Порача дека за да се заштити независноста и професионалноста на медиумите е неопходно да се инвестира и да се подобри социоекономскиот статус на новинарите.

-Важно е да се осигури независноста, одржливоста на медиумите со тоа што ќе се заштити социекономската состојба на новинарите. Само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти можеме да создадеме клима/опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на стражари на вистината и стражари на јавниот интерес, рече претседателката на Европската федерација на новинари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.