Елиминација на човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциите, намалена корупција, помалку инспекциски надзори и контроли, скратено време на инспекциските постапки, зголемена правна сигурност за субјектите на надзор. Тоа треба да се овозможи со Е-инспектор, електронски систем за дигитализација и автоматизација на инспекциската постапка и надзор преку кој треба да се поврзат 28 инспекциски служби.
Е-инспектор, кој од власта е најавен како најсеопфатен и најважен инструмент во борбата за спречување на корупцијата, според стопанственциите треба да биде проследен и со подигнување на професионалноста, компетентноста и експертската подготвеност на инспекциските кадри. Предизвик за поголема ефективност и понатаму останува неекипираноста на инспекторатите, каде со најмалку пополнети работни места заклучно со лани е Инспекторатот за локална самоуправа, а со најмногу Санитарниот и здравствениот инспекторат.
Во тек на месецов се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците, опфатени со Е-Инспектор. Овој систем би бил целосно оперативен во февруари 2024 година, од кога преку него треба да се спроведува инспекциската постапка и надзорот на инспекторите. Со проектот најавен како алатка во борбата против корупцијата се ветува и фер пристап, односно субјектите кои ги почитуваат законите и плаќаат данок, нема да бидат оптоварени со постојани редовни контроли. Електронски ќе се обезбедуваат сите потребни документи. Ќе може да се вршат и заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време.
Од Инспекцискиот совет за МИА информираат дека првата пилот фаза на системот Е-инспектор, што се спроведува со поддршка на УСАИД Проектот за модернизација на инспекциските служби, е целосно завршена. Во февруари годинава почна реализацијата на втората фаза. Целта е да се развијат модули за вклучување на 13 нови инспекциски служби. Тоа се Државен инспекторат за земјоделство, Државен просветен инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен комунален инспекторат, Инспекторат за употреба на јазиците, Државен инспекторат за локална самоуправа и Државен девизен инспекторат.
Платформата Е-инспектор се изработува со поддршка на ЕБОР. Проектот што започна во февруари 2022 година ќе трае се до февруари 2024 година под капата на Инспекцискиот совет. Се работи на анализа и надградба на постоечкиот информатички систем, кој беше изработен за три пилот инспекторати, односно подобрување на системските решенија со цел подобрување на функционалноста на системот. Во текот на декември се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, и тоа: Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците. Понатаму развојот на модулите за останатите инспекциски служби ќе следи согласно изготвениот Акциски план. Се очекува Проектот да заврши во февруари 2024 година со што Е-Инспектор би бил целосно оперативен, односно инспекциската постапка и надзорот инспекторите ќе ги спроведуваат преку системот, велат од Инспекцискиот совет.
Со софтверот и неговото приклучување кон платформата за интероперабилност, инспекторите ќе можат лесно и брзо да ги добијат сите податоци од другите институции кои им се неопходни за да можат квалитетно и навремено да ја спроведат и завршат инспекциската постапка, со што ќе се намали и притисокот кон стопанствениците во однос на обезбедувањето на потребните податоци.
Со дигитализацијата на инспекциската постапка се воведуваат новини особено во фазата на планирање на надзорите, односно каде и кога ќе се врши надзорот, но исто така се обезбедува и автоматско генерирање на записниците и решенијата кои произлегуваат од таа постапка.
Од Инспекцискиот совет објаснуваат дека системот треба да овозможи полнење на базата на податоци со информации за субјектите на надзор добиени од претходно спроведените надзори, во смисла дали и кои законски обврски ги исполниле или не ги исполниле, дали постапиле по дадените укажувања на инспекторот, дали ја повториле грешката, од што ќе зависи нивната класификација во системот, односно градација на субјектите на надзор на високо, средно или ниско ризични субјекти. Од тоа, посочуваат од Советот, произлегува придобивката за субјектите на надзор, бидејќи во зависност од степенот на ризик на субјектот ќе зависи на кој временски период ќе му се врши инспекцискиот надзор, односно една годишно, еднаш на две години или еднаш на три години.
Исто така, ќе се создават услови да се спроведат повеќе надзори, од различни инспекциски служби, кај еден субјект, во исто време. Со тоа би се скратиле честите контроли и надзори кај субјектите, односно инспекцискиот надзор ќе биде ефикасен и ефективен. Врз основа на внесените податоци во системот кои се однесуваат на работата на субјектот на надзор, односно во зависност од степенот на ризик, системот ќе врши автоматско планирање на надзорите, односно ќе генерира годишни и месечни планови за работа на инспекциските служби.
Со Е-Инспектор се прават промени и при распределбата на надзорите, односно распределбата на надзорите/предметите до инспекторите ќе биде исто така автоматизирана и ќе се врши согласно одредени критериуми како што се обемот, сложеноста и тежината на надзорот, и нивото и искуството на инспекторите.
И софтвер, но и јакнење на независноста, професионалноста и транспарентноста
Сашо Дукоски, претседател на Трговската комора при Сојузот на стопанска комори, се согласува дека софтверот многу може да помогне во случајна распределба, во прецизно листирање и класифицирање на одредени инспекциски параметри, но, како што вели, не верува дека само овој систем е доволен за целосна независност, транспарентност и непристрасност на инспекциските служби.
Според Дуковски, воспоставувањето на електронскиот систем за инспекција, т.н. Е-инспектор како една од алките во борбата против корупцијата требаше да биде имплементирано одамна. Се очекува да биде ефикасен контролен механизам преку кој, како што вели, ќе се намали секое субјективно влијание на инспекторите при вршењето на нивните контроли и тоа е само една битка против корупцијата. Со овој систем е најавено да бидат опфатени сите 28 инспекциски служби, а досега се воспоставува етапно, засега само во три е имплементиран.
Овој систем како методологија го елиминира човечкиот фактор во инспекциските контроли, што донекаде е добро и потребно, затоа што тука се изолира секоја коруптивна намера. Применлив е само во административното работење односно дигитално спроведување на надзорите и контролите, софтверска распределба на надзорите и контролите, генерирање записници, издавање решенија, сето тоа е електронски, со што човечкиот фактор е целосно изземен. Но, не верувам дека само овој систем е доволен за целосна независност, транспарентност и непристрасност на инспекциските служби. Да, софтверот многу може да помогне во случајна распределба, во прецизно листирање и класифицирање на одредени инспекциски параметри. Но ако сакаме невистина целосно и ефективно реформирање на инспекцискиот систем потребно да воведена и други промени со приоритет на подигнување на професионалноста, компетентноста и експертската подготвеност на инспекциските кадри. Тоа е она што неминовно ни треба и од што зависи функционирањето на целиот пазар, смета Дуковски.
Според него, најголем проблем и чекор што во таа насока треба да се направи е да се стави крај на борбата со црната економија.
–Оттука произлегуваат сите проблеми и пречки за напредок и развој на овој сектор и економијата генерално. Иако сите сме свесни за разорното дејство на сивата економија, но се уште недостасува иницијатива од многу клучни фактори. Посветено и интензивно работиме на поттикнување на надлежните органи за детектирање и сузбивање на нерегистрирани и нелегални бизнис активности. Како коморско тело се обидуваме да се обединиме во борбата против сивата економија и да постигнеме состојба на регулаторно ослободување на бизнисот. А во оваа мисија најважно е да се интензивира соработката со донесувачите на законските решенија, укажува Дуковски.
Ковид пандемијата и другите новини во изминатиот период ја зголемија активноста на инспекциските служби што, вели Дуковски, е добро за заштита на принципиелните трговци, но од друга страна треба доволно време за прилагодување на промените што треба да ги направат со новите законски решенија.
-Во последнава година, а и претходно, уште со траењето на ковид периодот, инспекциските контроли, посебно во малопродажбата се навистина зачестени. Како резултат на новите решенија, законски измени, замрзнување на маржи, даноци, сето тоа предизвика голема активност на инспекциите. И сето тоа е во ред, имаше потреба и тоа е функцијата на инспекциските служби наспроти непринципиелното работење на некои трговци. Тоа е навистина за пофалба, затоа што на овој начин се заштитуваат трговците кои работат принципиелно, се регулира пазарот што носи повеќекратни предности за сите. Но, сепак треба да се разбере дека и трговците, и ние како комора, и надлежните органи вклучително со инспекциските служби треба да работиме заедно за создавање подобри пазарни услови, вели Дуковски.
Неодамна стапи во сила Законот за заштита на правата на потрошувачите што повлекува серија измени и дополнувања што трговците треба да ги применат. Иако е многу краток периодот, многу од инспекциските контроли ги бараат од трговците сите овие измени за што треба време да се имплементираат, забележува Дуковски, истакнувајќи дека трговците истовремено се соочуваат со големи предизвици, законски измени, економска криза, менување на пазарните навики, подем на онлајн продажбата…
Празни работни места во инспекторатите за локална самоуправа, животна средина, градежништво…
Инспекцискиот совет подготвува информација за кадровската екипираност на инспекциските служби, со план за нивно доекипирање, што ќе биде доставена на мислење до Владата до крај на годинава.
Според последните податоци за актуелните систематизации на работните места во инспекциските служби со кои располага Инспекцискиот совет согласно со извештаите за 2021 година, во државава се предвидени 1.463 работни места за инспектори, распоредени во две категории и осум нивоа, односно звања. Од нив, 944 работни места или 64,5 проценти се пополнети со инспектори кои поседуваат лиценца за инспектор и можат самостојно да вршат надзор, додека на 59 работни места или четири проценти се распоредени кандидати за инспектор, кои во текот на годинава се стекнале со право да полагаат испит за лиценца за инспектор.
Со помалку од една петтина пополнети работни места за инспектори, најкритична е состојбата во Државниот инспекторат за локална самоуправа (10,7 проценти), Управата за сигурност во железничкиот сообраќај (16,7 проценти), Инспекторатот за употреба на јазиците (18,7 проценти) и во Државниот девизен инспекторат (20 проценти).
Од друга страна, најдобра е состојбата во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде пополнетоста на работните места за инспектори изнесува 97,8 проценти, Државен просветен инспекторат и Државен инспекторат за транспорт со по 82,1 процент пополнети работни места за инспектори. Меѓутоа, посочуваат од Советот, во оваа смисла мора да се истакне (не)пополнетоста на работните места во два од поголемите инспекторати, со оглед на нивниот голем обем на работа, посебно во последните две години на пандемија.
Во Државниот инспекторат за труд, од вкупно предвидените 191 работно место за инспектор, пополнети се 130 или 68,1 процент, а во Државниот пазарен инспекторат, 172 работни места или 57,9 проценти. Исто така, критична е состојбата и во Државниот инспекторат за животна средина, каде се пополнети само 20 работни места или 47,6 проценти и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, каде процентот на пополнетост е 38,9 проценти.
-Ваквата структура на пополнетост на работни места за инспектори, е резултат на повеќе фактори, од кои дел произлегуваат од важечкото законодавството во годините пред донесувањето на актуелниот Закон за инспекциски надзор во 2019 година, но и поради неатрактивноста на оваа професија, имајќи го предвид соодносот на правата и обврските на инспекторите, наспроти нивните плати, објаснуваат за МИА од Инспекцискиот совет.
Иако во изминатите години се направени нови функционални анализи на инспекциските служби, како што дополнуваат, се уште е можно состојбата со пополнетост на работните места да биде резултат на нереално испланирана организација односно систематизација на работните места, но и на несоодветното управување со човечките ресурси или недоволното внимание на надлежните органи за барањата за нови вработувања, односно за пополнување на слободните работни места во инспекциските служби.
-Овие недостатоци успешно се надминати со почнувањето на примена на Законот за инспекциски надзор со кој е овозможено да се вработуваат инспектори на сите нивоа во категоријата В, а зголемена е и мобилноста, односно пополнување на работните места за инспектори преку хоризонтално распределување на административни службеници, како и воведувањето на додатокот на плата за инспектори, кој од 1 јануари годинава изнесува 30 проценти на основната плата, велат од Инспекцискиот совет.
Годишниот извештај за работата на инспекциските служби под нивна надлежност за 2021 година покажува дека се извршени вкупно 171.847 надзори, од кои 52.848 редовни, 100.770 вонредни и 18.228 контролни. При надзорите се утврдени над 20.979 неправилности.
Инспекцискиот совет лани разгледал вкупно 384 претставки, од кои 121 претставка се однесувале на работата на инспекторите, 230 на барање за инспекциски надзор, а 33 се препратени на друг државен орган, побарани се дополнителни податоци и/или е констатирано дека се неосновани или некомплетни. Кај претставките во 2021 година во однос на регистраните во 2020 година, според ИС, се бележи незначителен пораст од четири проценти. Тоа, посочуват, упатува на зголемување на довербата која граѓаните ја имаат во Инспекцискиот совет и препознавање на неговата улога во инспекцискиот систем во државава, особено ако се има во предвид дека најголемо зголемување, од околу 163 проценти, има кај претставките против државните инспектори (121 претставка во 2021 година, наспроти 46 во 2020 година).
Врз основа на доставени претставки, поднесени се четири иницијативи за утврдување дисциплинска постапка за сторен дисциплински престап (три иницијативи до ДТИ и една до ДИЗ). Од повратните информации, за сите четири иницијативи, инспекциските служби утврдиле дека се застарени, согласно со член 78 од Законот за административни службеници.
Реформите на инспекциските служби стартуваа со примената на Законот за инспекциски надзор, донесен во мај 2019 година. Со него се воведе нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик и воедначено вршење на инспекцискиот надзор. Главната цел на реформата е да се подобри ефикасноста и координацијата на инспекторатите и другите тела за инспекција под надлежност на Инспекцискиот совет, а во насока на намалување на товарот и трошоците за деловните субјекти. Покрај воспоставениот информацискиот систем за спроведување на инспекцискиот надзор Е-Инспектор, кој е во фаза на развивање за 13 инспекторати, изработени се 187 листи за проверка, 28 методологии за проценка на ризик за сите инспекциски служби, нови испитни прашања и се ажурирани постојните прашања за општиот дел од испитот за лиценца на инспекторите. Исто така, развиена е платформа за е-учење и тестирање (LMS) за обуки и испити за лиценцирање на инспектори (www.islms.mk ), наставни програми за обука на македонски и албански јазик за обука, подготвен е Прирачник за организација и управување со Центарот за обука во рамки на Инспекцискиот совет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.