Во вкупно 62 градови и населени места во Македонија, илјадници деца утрово чекорат во бадниковите поворки на радоста и пеејќи ја „Вечниот Бог“. Како што велат од Здружението за возобновување на православни традиции, со овие поворки децата го најавуваат Христовото Раѓање.
Најголемата бадникова манифестација во Скопје, која ја водат Марија Јанчевска и Јован Дукмеџиев, започна во 11 часот со мал празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија“ со Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут).
После малиот концерт, ќе се оформи најголемата бадникова поворка во Македонија, што преку Камениот мост ќе тргне кон Соборниот храм каде што сите коледарчиња ќе бидат дочекани и дарувани од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, објаснуваат од „Бадникови поворки“.
Во исто време, свечени бадникови поворки со учество на стотици деца со нивните семејства се организираат и во: Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…
Во сите поголеми градови во Македонија, исто како и во Скопје, поворката ќе биде крунисана со празнични концерти на пригодни божикни песни во кои учествуваат локалните ѕвезди и хорчиња. Во Охрид на плоштадот децата ги пречекува градоначалникот Кирил Пецаков, кој подготви пакетчиња за сите учесници.
Ајде заедно да му благодариме на Бога што после двегодишна пандемија, конечно можеме да го прославиме Божик сите заедно, со небесна радост и да се помолиме, со Христовото Раѓање, во нашите срца да се родат добри дела! Затоа, најтопло Ве покануваме, придружете ни се во поворките!, велат од Здружението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.