Предлог законското решение кое ја уредува конфискацијата на имот, чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а не е опфатен со конфискација во кривична постапка или со оданочување на имот во даночна управна постапка, веќе е поставено на ЕНЕР и е достапно за коментари. Заради транспаретност на процесот на донесување на овој закон и подобрување на текстот преку отворена дебата, идната недела ќе се одржи јавна расправа на која стручната фела ќе има можност да ги сподели своите предлози и сугестии.
Со донесување на ефективен и применлив Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка се заштитува јавниот интерес на Република Македонија на начин што се оневозможува располагање со имот, за кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори, а со тоа се превенираат кривични дела поврзани со организираниот криминал и корупција.
Поаѓајќи од ставот дека постојното кривично и управно законодавство не може целосно да ги опфати случаите кои се појавуваат во пракса, работната група со која претседава заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, го подготви предлог законот, кој ќе претставува дополнителна и ефективна алатка во борбата со корупцијата. Претходно, во соработка со Советот на Европа, Кабинетот за политики за добро владеење изработи нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи.
Јавната расправа за Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка ќе се одржи на 24 ноември 2023 година во Клубот на пратеници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.