„Тенденцијата на републичкиот државен обвинител Љупчо Коцевски е да ме заќути и отстрани и да ги заплаши другите колеги кои постапуваат согласно законот – вели вишиот скопски јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој од вчера е суспендиран од функцијата.
На денешната прес-конференција обвини дека се започнало откако не прифатил да врши притисок врз обвинител при носење на одлука за бонусите на Поради тоа, тој смета дека извршената контрола во Вишото обвинителство е производ на организирана хајка и притисок врз него. По ова Републичкото обвинителство, случајно или не, влезе во контрола на работењето на Обвинителството.
„Од страна на републичкиот јавен обвинител преку службите ми беше доставена одлука за оддалечување од функцијата виш јавен обвинител со образложение дека против мене се води кривична истрага во Обвинителството во Штип. Таа кривична е поднесена од републичкиот јавен обвинител, а тенденцијата е мене да ме заплаши со се колегите кои работат согласно законот. И да се донесат незаконски одлуки. Пред извесно време од 19 септември, републичкиот обвинител ми рече дека по однос на предметот за бонусите на СЈО треба да донесам одлука со која ќе се поткрепи првостепената одлука и да не се даде својство на оштетен на подносителот ВМРО-ДПМНЕ“, рече Хајрулахи.
За вонредниот надзор вели дека е спорен самиот состав на Комисијата во која е составена од тројца обвинители, меѓу кои и обвинителката Лиле Стефанова.
„Јавниот обвинител ме извести дека ќе има вонреден надзор за Вишото јавно обвинителство. Спорното во целиот надзор е тоа што од тројца јавни обвинители, двајца, по сила на закон, не би требало да го вршат – едниот е Елвин Вели до пред заминување во Републичко беше мој прв заменик и обвинител кој постапуваше, а обвинителката Лиле Стефанова не би требало да учествува бидејќи се вршеше надзор на предметите од поранешното СЈО“, додаде Хајрулахи.
Тврди дека извештајот сé уште не е готов, иако законскиот рок бил истечен. Причина за тоа, коментира Хајрулахи е што двајца од обвинителите не сакаат да го потпишат извештајот бидејќи не се согласуваат со истиот.
Во однос на кривичната пријава која е поднесена против него поради мобинг, за што го обвинуваат четворица вработени во Обвинителството вели дека не може да се проценува неговата работа и неговото однесување според исказ на само четворица вработени. Тврди дека обвинетите му се извиниле и кажале дека биле изманипулирани.
–Ми беше кажано дека против мене, неколку вработени од Вишото јавно обвинителство доставиле претставка до него за наводен мобинг. Истиот кажа дека содржината на претставката е смешна и крајно несериозна и дека доколку има било каков мобинг, тоа треба да се процесуира до Граѓанскиот суд. Откако го обелоденив настанот, јавниот обвинител преку неговата ќерка изнесува информации до одреден медиум, со цел тој медиум да го објави текстот и забележливо беше дека стои од извори на медиумот. Од свиркачот кој што ми ги достави снимените разговори, истиот ми кажа дека лицето што ги доставува информациите со папката до медиумот е ќерката на обвинителот Љупчо Коцевски. Има Закон за укажувачи. Јас ако го сокријам сето тоа, јас ќе бидам дел од тие што незаконски го прават, рече Хајрулахи во изјава за новинарите.
На реакцијата на новинарите дека не треба да објавиува ликови на новинари, бидејќи сите новинари имаат право да имаат свои извори, тој вели дека поради тоа биле замаглени ликовите на новинарката и изворот на снимката која што протече во јавноста. Спореде него целта била да докаже и покаже дека од обвинителството се изнесуваат доверливи документи. Снимката, тврди тој, е добиена од анонимен свиркач.
–Дали е нормално ќерка на републички обвинител да изнесува информации од кабинетот на обвинителот?! На новинарката тоа и е работа и тоа е легитимно, но не е легитимно обвинителот преку неговата ќерка да изнесува информации во јавноста. Не ги заплашувам новинарите. Немам ништо конкретно против новинарот и свиркачот, праша Хајрулахи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.