Изјава на проф.д-р Марјан Ѓуровски во врска со најавената посета на Рускиот митрополит Антониј задолжен за меѓународните односи на Руската православна црква (РПЦ) на РМ.

“Тајната посета на Рускиот митрополит Антониј задолжен за меѓународните односи на Руската православна црква (РПЦ) е лоша вест и претставува ризик за националната безбедност, закана за социеталната (идентитеска) безбедност во земјата и е спротивна на државните и национални интереси на сите граѓани вклучително и на црковните интереси на МПЦ ОА.

Бидејќи неговото присуство може да предизвика негативни импликации зошто е дел од руската операција на хибридни закани треба да се изрази јасен став дека не е добредојден митрополитот Антониј на територијата на Република Македонија, имајќи го предвид фактот дека поради војната во Украина, Русија ја вклучи Македонија во списокот на непријателски држави и Путин ја користи руската црковна дипломатија за да ја оправда војната во Украина. Руската православна црква (РПЦ) дозволува да биде манипулирана од властите во нивната земја за да ја оправда нивната војна во Украина и никогаш се нема спротивставено на таквиот притисок.

Со посетата на Митрополит Антониј, највисокиот претставник на Московската патријаршија, која отворено ја поддржува инвазијата на Путин на Украина, прогласувајќи ја за праведна и војна за одбрана на православието, оправдувајќи го убивањето на цивили, жени и деца, компромитирана може да биде и македонската држава иако ја подржува Украина. Меѓуцрковните односи се составен дел на меѓудржавните односи и се од особен интерес за македонската држава.

Македонската православна црква Охридска Архиепископија, иако не е дел од секуларната влада на државата, е непроменлив дел од нашето лице кон светот, и доколку некој претставник на високото свештенство заземе политички позиции или се сретне со официјален руски претставник кој изразува поддршка на руската агресија и предавничката војна на Русија против Украина во најмала рака се скандализира самата средба. Зошто секоја средба со претставник на Рускиот патријарх Кирил во време кога се води војна во која загинаа десетици илјади невини украински граѓани, а милиони беа подложени на нехумани услови за живот, таквото однесување не може да остане без последици и кај домаќинот во Скопје. Основата на христијанството е мирот, а свештенството, како непроменлив дел од темелите на нашата држава, не треба да подлегнува на намерни провокации како вакви необјаснети и тајни посети, кои се спротивни на црковната и државната дипломатија.

Усвојувањето на проруска позиција од страна на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија може да доведе до сериозни дипломатски компликации не само со другите православни цркви, туку и со некои нашите соседи како грчката држава.

Интересите на Република Македонија како членка на ЕУ и НАТО се да одржува најблиски сојузнички и најблиски односи со нашите соседи и тоа е важен проблем. Примарната задача на руските власти и во Кремљ и во Московската патријаршија е да покажат дека не се изолирани поради војната во Украина. Посебно значење се придава на учеството на претставници на РПЦ на настани во европските земји и по правило руската дипломатија тоа го прикажува како одобрување на руските воени акции, од тука е индиректната одговорноста што ја носи РПЦ за крвопролевањето во Украина”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.