Претседателот на македонско друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај вчера во МНР бил примен од државниот секретар во Филип Тосевски, со кого разговарале за состојбите и предизвиците на Македонците во Албанија.

МНР, како што објави на Фејсбук Тосевски, останува отворено за соработка и поддршка за организациите на Македонците од соседните држави, а на средбата се разговарало за можностите за соработка и поддршка во блиска иднина.

Според Тосевски, грижата за „нашите сограѓани во дијаспората и секако во соседните земји е основа за негување на македонското културно и историско наследство, јазик и идентитет”.

Ние сме Македонци и треба да се помагаме. Остануваме посветени на градење на добрососедски односи и соработка, заеднички да инвестираме во создавање услови за да обезбедиме европска перспектива и иднина за младите во Македонија и Албанија да не заминуваат, напиша Тосевски.

Ѓурѓај во изјава за МИА вели дека го информирал државниот секретар за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Албанија.

Беа актуализирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Албанија. Мојот ценет соговорник го информирав и за друштво „Илинден”, кое со години е активен субјект меѓу македонската заедница во Албанија, изјавил Ѓурѓај, кој како главен и одговорен уредник на весникот „Илинден” донирал комплет од сите изданија на весникот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.