Во рамките на учеството на Самитот на НАТО во Вилнус, министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес оствари средба со својот хомолог од Грција, Јоргос Герапетритис.

Во фокус на првиот состанок меѓу двајцата министри беа билатералните односи и перспективата на зајакната секторска соработка на двете соседни држави и партнери. Во тој контекст, беше издвоена соработка во енергетиката и гасното поврзување.

За европската иднина на Македонија и останатите земји од Западниот Балкан, беше потенцирана поддршката и јасните позиции на официјална Атина во таа насока. „Грција продолжува да биде цврст партнер на нашата земја и регионот во напорите за што поскоро и успешно завршување на пристапниот процес за членство во Европската унија, за што ја пренесов нашата благодарност“, истакна Османи на средбата.

Нагласувајќи ја важноста на Договорот од Преспа за севкупната динамика на односите, беше нагласена потребата за дополнителен заеднички ангажман за исполнување на договореното од  Акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката, како и вложување напори за ратификација на преостанатите потпишани документи меѓу двете држави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.