„Историјата ни дала бројни поуки за последиците од организирано ширење омраза, а во контекст на технолошките можности кои ги имаме денеска, ова прашање стана далеку посериозно“- истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната конференција „Општество без омраза: заеднички труд и заедничка цел“.

Во своето воведно обраќање, вицепремиерката Грковска посочи дека е неопходно да се градат сеопфатни и што пошироки пристапи за справување со говорот на омраза, кои ќе ги вклучуваат сите аспекти на проблемот: корените на омразата, мотивите за нејзино ширење и искористување за одредени цели, справувањето со штетите врз поединците, групите, општеството и демократските уредувања на глобално ниво, како и регулацијата и санкционирањето.

 

„Клучно е да јакне свеста за разликите помеѓу слободата на говор и злоупотребата на таа слобода за дискриминирање, омаловажување и за поттикнување насилство врз цели групи во општеството“- додаде Грковска.

Таа посочи дека проблемот со говорот на омраза не може да се реши со една мерка или закон и дека справувањето мора да биде континуирано, со вклученост за сите страни и со инкорпорирање на меѓународните практики и искуства.

 

Овие појави, кои ја рушат функционалноста и кохезијата на општеството и кои влијаат на стабилноста, мирот и развојот, не смеат да бидат игнорирани, изјави вицепремиерката, додавајќи дека не смее да се остави неограничен простор за ширење омраза, која резултира со насилство и жртви.

„ Она на што јас би сакала посебно да се осврнам е личната одговорност, особено на оние кои имаат  одредено влијание во средината, а тоа влијание го користат, па дури и го јакнат преку ширење омраза.

 

Таквото однесување и таквата реторика на политичарите и јавните личности е катализатор за негативниот набој во општеството“- потенцираше Грковска и дополни дека клучно е заедничкото, посветено и постојано работење на заедничката цел – да се обезбеди ефикасна заштита од говорот на омраза во рамките на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Ова беше и заедничкиот заклучок од денешниот настан, кој се организира по повод промоцијата на Препораката на Комитетот на министри за борба против говор на омраза на македонски јазик, а во рамки на програмата на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.