Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на Пленарната сесија на Конференцијата на земјите потписнички (CoSP), главното тело за креирање политики на Конвенцијата на Обединетите Нации за заштита од корупција (UNCAC), која се одржува во Атланта, САД.
„Корупцијата не е проблем само на одредени земји, туку глобален проблем кој ја загрозува стабилноста, безбедноста и економскиот развој, ја поткопува довербата во институциите, го намалува квалитетот на јавните услуги, ги крши човековите права и го поттикнува организираниот криминал, тероризмот и незаконските финансиски текови“, истакна вицепремиерката Грковска во своето обраќање.
Таа посочи дека во справувањето со оваа глобална закана, мора да се работи заеднички за да се искорени корупцијата и да се промовира транспарентно, одговорно и партиципативно владеење во поединечни земји и низ целиот свет. „Бидејќи широките проблеми изискуваат сеопфатни решенија, а глобалните проблеми – глобални решенија“, изјави Грковска.
Во своето обраќање на пленарната сесија, вицепремиерката истакна дека според истражувањата на јавното мислење во Македонија, корупцијата се наведува како најголем општествен проблем и додаде дека ваквата перцепција на граѓаните во голема мера се должи на фактот што во изминатите години земјата успеа да излезе од децениската состојба на затворена држава и направи огромен чекор напред со отворање на институциите и подобрување на состојбата со медиумските слободи, а тоа директно придонесе за зголемување на јавната свест за овој проблем.
„Во оваа прилика, морам да истакнам дека сум горда што Македонија, според последниот извештај, е единствената земја – потписник што е целосно усогласена со Заложбата за транспарентност на УНКАК“, нагласи Грковска и додаде дека Владата презема голем број чекори во спроведувањето на политиките за добро владеење, а правната и институционалната рамка во најголем дел е усогласена со законодавството на ЕУ.
„За жал, демократскиот напредок што го постигнавме во последните години не значеше инстантна промена во сите надлежни институции, во однос на нивната агилност, ефикасност, посветеност и волја и интегритет доследно да го вршат својот дел од мисијата за градење подобро општество за сите“, изјави вицепремиерката.
Поради воочените слабости во клучните сегменти на системот, додаде таа, се воспостави интензивна координација на сите институции кои имаат надлежност во борбата против корупцијата, од две причини – да се создаде форма на меѓусебен конструктивен притисок за секоја институција поажурно и поефективно да го исполни својот дел од обврските и заради градење силен меѓусекторски пристап во борбата против корупцијата како клучен предуслов за успех.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.